Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека овие средби се мошне важни за деблокада на земјава кон ЕУ, затоа што еврокомесарот Вархеји е од партијата на унгарскиот премиер, додека Словенија е идната земја која ќе го преземе претседавањето со Унијата
Средби со премиерите на Унгарија и на Словенија Виктор Орбан и Јанез Јанша се најдоа во агендата на лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој од утре, како што соопштија од партијата, тргнува во посета на негови колеги од Европската народна партија во неколку земји.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека Мицкоски, како и партискиот потпретседател Александар Николоски, во наредните неколку дена ќе остварат дипломатски посети и средби со повеќе политичари од регионот и Европа во рамките на пријателските односи со повеќе сестрински партии на ВМРО-ДПМНЕ од семејството на ЕПП.
Во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ посебно се посочуваат средбите со Орбан и со Јанша.
„Претседателот Мицкоски ќе оствари средба со претседателот на Фидес, а воедно и премиер на Унгарија. Виктор Орбан. Тоа е партијата од која потекнува и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји. Потоа ќе оствари средба во Љубљана и со премиерот на Словенија и претседател на Словенечката демократска партија Јанез Јанша. Ова е особено значајно за европските интеграции ако се знае дека Словенија е идната земја која ќе го преземе претседавањето со ЕУ“,
се наведува во партиското соопштение.
Се посочува и дека во неколкудневната дипломатска активност лидерот на ВМРО ДПМНЕ ќе оствари средби и со претставници на хрватската владејачка партија ХДЗ.
„Средбите ќе бидат искористени за активно лобирање за државните интереси на Македонија, пред се, за одблокирање на патот кон Европската Унија, кој е блокиран со ветото од источниот сосед и застојот кој го има земјава во однос на реформите. Средбите ќе бидат насочени и кон градење мостови на регионална соработка на ВМРО-ДПМНЕ, како и разгледување на можностите за идна економска соработка и отворање можности за привлекување инвестиции и размена на знаења, со цел економско зајакнување на земјава во периодот на силната економска криза и рецесија“,
се наведува во соопштението.