Остро ги осудуваме нападите врз цивили и дипломатски објекти. Повикуваме на итна деескалација и воздржаност, порача хрватскиот министер за надворешни работи Гордан Грлиќ Радман

Хрватскиот конзул и неговата сопруга се повредени во нападите на Тел Авив, а зградата во која биле сместени е значително оштетена, јавуваат хрватските медиуми.
Амбасадорката на Хрватска во Израел, Весела Мрѓен Кораќ, ја потврдила сериозноста на ситуацијата во последните 24 часа, истакнувајќи дека во ноќните напади загинале неколку лица, а десетици биле ранети.
Таа додала и дека евакуацијата сè уште не е можна поради затворениот воздушен сообраќај и честите напади.
Министерот за надворешни работи на Хрватска, Гордан Грлиќ Радман, ги осуди нападите и повика на итна деескалација.
„Потресен сум од веста дека нашиот конзул и неговата сопруга се повредени во нападот врз Тел Авив. Погодена е зградата каде што живеат. Разговарав лично со нив и, за среќа, повредите се полесни и не се опасни по живот. Министерството е во постојан контакт со амбасадата и ги преземаме сите мерки за да ја осигуриме нивната безбедност. Остро ги осудуваме нападите врз цивили и дипломатски објекти. Повикуваме на итна деескалација и воздржаност“,
вели тој.