Во соопштението на Врховниот суд се наведува дека осудениот бил обвинет за тоа дека во 1994-1995 година, во својство на заменик-министер за надворешни работи и овластен преговарач во име на Владата на Хрватска, ги договарал условите за заем со една странска банка. Осудениот се товари дека ја искористил воената состојба за да земе провизија при склучувањето на тој договор

Хрватскиот Врховен суд му ја укина пресудата на поранешниот хрватски премиер Иво Санадер за злоупотреба на службената положба и овластување, соопшти денеска судот, пренесуваат хрватските медиуми. Предметот е вратен пред Жупанискиот суд во Загреб на повторно судење.
Со пресудата која е укината, поради воено профитерство Санадер беше осуден на две и пол години затвор.
Иако во соопштението од судот не се споменува името на осудениот, се наведува дека тој се товари дека како преговарач од хрватската Влада зел провизија од 3,6 милиони куни (околу 475 000 евра) за склучување договор за заем и за влез во странска банка на хрватскиот пазар.
Хрватските медиуми потсетуваат дека станува збор за случајот „Хипо“.
Во соопштението на Врховниот суд се наведува дека осудениот бил обвинет за тоа дека во 1994-1995 година, во својство на заменик-министер за надворешни работи и овластен преговарач во име на Владата на Хрватска, ги договарал условите за заем со една странска банка.
Заемот ѝ бил потребен на хрватската Влада за да купи згради за амбасади ширум светот.
Осудениот се товари дека ја искористил воената состојба за да земе провизија при склучувањето на тој договор.
Врховниот суд утврди дека првостепениот суд не успеал правилно да го утврди начинот на кој дејствијата на обвинетиот имале штетно влијание врз материјалните услови за живот на населението во војната и врз економскиот потенцијал на државата и другите имотни интереси или економскиот потенцијал на државата во војната.
Правилното утврдување на овие факти е пресудно и за да се процени дали значителната материјална добивка е непропорционална, оценува судот.
Во соопштението се наведува и дека во повторената постапка потребно е со поголемо внимание да се процени дали во однесувањето на осудениот се стекнати сите битни карактеристики на кривичното дело злоупотреба на положба и овластување.