Поради влошената епидемиолошка состојба во Хрватска, од 22 ноември се воведуваат построги мерки за спречување на ширење на коронавирусот. Мерките што беа најавени на денешната прес-конференција на Националниот штаб ќе важат до 15 декември.
Дел од нив предвидуваат ограничено работење на угостителските објекти до 22 часот, намалување на бројот на присутни на јавни собири и одржување спортски настани без публика.
Од понеделник сите угостителски објекти ќе бидат затворени од 22 часот, а за време на работата ќе мора да имаат јасно наведени упатства за максималниот број присутни.
Од 22 до 6 часот наутро е забранета продажба на алкохол на киосците и бензинските пумпи.
Известувањата за бројот на присутни луѓе во продавниците, исто така, мора јасно да бидат прикажани, а таму каде што се организираат посебни акции и попусти мора да се преземат дополнителни мерки поради поголемиот број купувачи.
Бројот на присутни на јавни собири генерално се намалува од 50 на 25 лица, со исклучок на свадби на кои е дозволено да се соберат најмногу 15 лица и семејни собири на кои може да има најмногу 10 лица.
На погреби е дозволено присуство на 25 лица, но без близок контакт.
Ограничувања на бројот на присутни се предвидени и за мисите, кината и другите културни и јавни настани, каде што бројот е ограничен во зависност од големината на просторот, така што секое лице треба да има четири квадратни метри.
Спортските натпревари ќе се одржуваат без публика и со почитување на мерките.
Новите мерки вклучуваат обврска на работодавачите да организираат работа од дома кога е можно, односно работа во смени.
Во изминатите 24 часа во Хрватска починаа 57 лица, додека 2 958 се позитивни од 8 321 тестирани лица.
Во Хрватска има 18 193 активни случаи на коронавирус, 1 992 лица се во болниците, од кои 217 се на апарати за дишење.
Од почетокот на епидемијата, регистрирани се 96 837 случаи на ковид-19, а починале 1 257 пациенти.