Пратка од десет илјади вакцини на „Астра Зенека“ денеска ќе пристигне во земјава како донација од Хрватска. Следната недела, пак, се очекуваат и 10 000 вакцини „спутник“.
На вакциналните пунктови сега се аплицираат вакцини од „Фајзер“ и кинеските „Синовак“ и „Синофарм“. Досега вакцина примиле речиси 335 илјади граѓани, а 223 илјади се целосно имунизирани, односно имаат примено две дози.
Министерот за здравство Венко Филипче вчера изјави дека продолжува трендот од минатата недела на опаѓање на бројките на новодијагностицирани случаи на ковид-19, но дека внимателно се следи состојбата, пред сè, со индискиот сој кој се појави во повеќе земји.
Министерот апелираше граѓаните да се вакцинираат, посочувајќи дека тоа е единствениот начин да се амортизира евентуален нов бран наесен.
„Прашање на време е кога индискиот сој на вирусот ќе стане доминантен во Европа, затоа е важно што поголем број граѓани да се вакцинираат во овој период на стабилна епидемиолошка состојба. Вакцини има во доволна количина и сите се безбедни и ефикасни. Последните информации што пристигнуваат од Европската агенција за лекови се дека вакцините се ефикасни и за новите соеви што ни влева многу надеж“,
напиша Филипче на Фејсбук.