Граѓанската организација „Гонг “во Хрватска со помош на хакери им овозможи на хрватските граѓани да направат увид во податоци за работодавците кои ги користат мерките за помош од државата поради кризата со коронавирусот.
Тие на ваков чекор се решија откако министерот за труд Јосип Алдаровиќ и Хрватскиот завод за вработување (ХЗЗ) не го исполнија ветувањето дека ќе овозможат пребарување во базата на податоци за работодавците кои ги користат мерката за зачувување на работните места.
ХЗЗ на својата веб-страница објави список на фирмите, но „Гонг“ предупреди дека тие податоци ниту може да се преземат ниту може да се пребарува во базата.
„Податоците се достапни само 4-5 часа, има технички недостатоци, голем е интересот на јавноста и со тоа има голем број на корисници на веб-страницата на НЗЗ. Сигурно дека ќе го подобриме и ќе овозможиме повеќе посети од повеќе корисници. Не очекувавме дека ќе има толку голема заинтересираност“,
рече министерот Алдаровиќ во дневникот на Н1 ТВ.
Синоќа се огласија и од ХЗЗ нагласувајќи дека за денеска (четврток) е планирано објавување на податоци, но граѓанските активисти и хакерите не сакаа да чекаат.
„Хрватскиот завод за вработување (ХЗЗ) објави податоци во таква форма што не само што не може да се преземат туку и не може да се пребарува. Благодарение на хакерите од ’Code for Croatia‘ успеавме да ги отвориме и да ги направиме база за пребарување“,
објавија од „Гонг“.

Од оваа организација ѝ пишаа на владата дека јавноста има право и мора да знае кои се фирмите што ги користат мерките за финансиска помош.
„Во овие вонредни околности секако дека е важно да се сочуваат работните мести, но исто така е важно и да се инсистира на транспарентност за да може граѓаните да им веруваат на одлуките на владата“,
пишаа од Организацијата до хрватската влада.
Во описот на „Гонг“ пишува дека тие се граѓанска организација која постои од 1997 и нејзиното работење е во насока на унапредување на демократските процеси и на институциите, унапредување на политичката култура и на поттикнување на активно и одговорно учество на граѓаните во политичките процеси.