Хрватскиот министер Гордан Грлиќ Радман истакна дека Северна Македонија е подготвена и заслужува членство во ЕУ многу брзо и додаде дека отворањето на преговорите ќе претставува важен позитивен и афирмативен моментум за македонските граѓани
Хрватска треба да ја гледаме како наш ментор во евроинтегративниот процес и од политичка, но и од техничка гледна точка, рече вечерва министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски по средбата со неговиот хрватски колега, Гордан Грлиќ Радман.

Како што соопштија од македонското Министерство за надворешни работи и надворешна трговија, средбата меѓу двајцата министри е искористена и за разговори за актуелните меѓународни и регионални прашања, како и за внатрешнополитичките и економските состојби во двете земји.
„Ние го немаме луксузот да кажеме дека престануваме со патот кон ЕУ во било кој момент. Напротив, мораме фокусирано да работиме на домашната агенда. Испорачуваме резултати, што е посебно видливо по однос на реформската агенда во последните неколку месеци“,
рече Муцунски.
Посочи дека мора да се најде решение на предизвикот со Бугарија, да имаме активен дијалог, но во рамки на нашите принципиелни позиции.
„Не смееме да дозволиме да продолжиме да бидеме заложници на билатерални процеси, тоа не е фер кон оваа држава, тоа нашите граѓани и нашите институции не го заслужуваат и затоа, треба да се најде некое рационално решение кое нам како држава и на нашиот народ ќе ни даде предвидливост по европскиот пат кој без никаква дилема огромно мнозинство во земјава го посакува“,
вели тој.
Информира дека веќе остварил телефонски разговор со новата бугарска министерка за надворешни работи од техничката влада и најави средба во прва пригода.
Сепак, укажа на потребата од максимална внимателност поради предизборниот период во Бугарија, со цел земјава да не стане дел од нивниот изборен наратив.
За односите со Хрватска рече дека двете земји имаат одлични, пријателски односи и соработка во сите сфери, без ниту едно отворено прашање.
Во моментов, информира Муцунски, течат разговори за затворање процес на создавање страешко партнерство во повеќе области, како во економијата, трговијата, безбедносната и политичката соработка, енергетиката.
„Во делот на европските интеграции, Хрватска ја вбројувам во земјите кои се наши принципиелни поддржувачи. Има многу што поддржуваат, но помалку што принципиелно поддржуваат. На Хрватска треба да гледаме како на наш ментор во евроинтегративниот процес и од политичка, но и од техничка гледна точка, зашто и имаме многу активни проекти кои јавноста не секогаш ги гледа, а ни помагаат на европскиот пат“,
кажа Муцунски на заедничката прес-конференција со хрватскиот министер за надворешни и европски работи, Радман.

Хрватскиот министер Гордан Грлиќ Радман истакна дека Северна Македонија е подготвена и заслужува членство во ЕУ многу брзо и додаде дека отворањето на преговорите ќе претставува важен позитивен и афирмативен моментум за македонските граѓани.
„Помеѓу Хрватска и Северна Македонија сè е отворено и пријателски. Нашата соработка може да биде пример и за другите земји од Западниот Балкан. Хрватска отсекогаш помагала, а доказ за тоа се и 18-те активни твининг-проекти преку кои придонесуваме кон зајакнувањето на административните капацитети во сообраќајот, финансиите, правосудството, образованието и земјоделството“,
рече тој.
Во однос на прашањето со Бугарија, хрватскиот дипломат нагласи дека Загреб ги следи процесите во регионот и веќе разговара со бугарската страна за ова прашање.
„Секако дека ние ги следиме процесите во регионот, со сите ќе разговараме, и со Бугарија веќе разговараме за тоа и постојат исто така и позитивни сигнали. Но, таму исто така ќе има избори, така што ќе водиме сметка за тоа и кога ќе дојде новата влада, ќе продолжиме на тој пат на поддршка на Северна Македонија за членство во Европската Унија. Мислам, уште еднаш истакнувам, дека тоа е во интерес на сите. Во интерес на сите и на целата Европска Унија е да се има земја која е опкружена со земји членки на Европската Унија и природно, геополитички Северна Македонија ѝ припаѓа на Европската Унија“,
кажа хрватскиот министер.
Според него, проширувањето е во интерес на целата Унија, особено во време на актуелните геополитички предизвици и руската агресија врз Украина, посочувајќи дека природното геополитичко место на Северна Македонија е во Европската Унија.
