Инаку, Милошески беше обвинителот на ОЈО Скопје кој постапуваше по пријавите во врска со ТОЕФЛ-сертификатот на Христовски и утврди дека со документот нема ништо спорно
Обвинителот Владимир Милошески тврди дека во предметот за ТОЕФЛ-сертификатот на директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Бојан Христовски, немало докази за кривично дело затоа што имал два јазични сертификати, а сомнителниот сертификат, од школото „Јулија“ во Пловдив, Христовски не го користел за да ја добие позицијата, јавува Телма.
„Она што е полагано во ‘Јулија’ не е користено како доказ во текот на постапката кога лицето конкурирало за определени места. Користен е другиот сертификат за којшто е веќе истечен рокот за да може да се побараат податоци“,
изјавил Милошески.
Милошески потврдил и дека не барале потврда од ЕТС-системот преку кој Христовски имал сертификат добиен по онлајн тестирање затоа што прочитале на сајтот на организацијата дека такви потврди се чувале кратко време по истекување на нивната важност, а тој на Христовски бил истечен и не важел повеќе од година и пол пред да почне истрагата.
Инаку, Милошески беше обвинителот на ОЈО Скопје кој постапуваше по пријавите во врска со ТОЕФЛ-сертификатот на Христовски и утврди дека со документот нема ништо спорно.
Сепак, истражување објавено од БИРН неколку недели подоцна, односно на 18 јуни, наведува дека директорот на АНБ двапати го полагал испитот по ТОЕФЛ за англиски јазик, а кодот на центарот за тестирање каде што полагал не е во Пловдив, каде што е регистрирано јазичното студио „Јулија“.