„Осомничената најпрвин ја поттикнувала и ја довела во алкохолизирана состојба жртвата, ја соблекла во една од собите, овозможувајќи им на двајцата малолетници да го силуваат девојчето, кое за цело време давало отпор“, велат од обвинителството
Струмичкото обвинителство осомничи три лица за силување на 13-годишно девојче за време на новогодишна прослава. Отворена е истрага против 21-годишна девојка за која постои основано сомнение дека помагала при кривично дело силување на дете кое не наполнило 15 години. Според обвинителството, девојката им помогнала на две деца да го сторат силувањето.
Надлежниот јавен обвинител до судијата за деца при Основниот суд во Струмица поднесе барање за поведување подготвителна постапка против двете деца за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело силување на дете кое не наполнило 15 години.
„При новогодишна прослава во куќа на еден од малолетниците, осомничената, свесна за своето дело, им помогнала на две деца родени 2007 година, со употреба на сила, да извршат силување на девојче родено 2010 година. Осомничената најпрвин ја поттикнувала и ја довела во алкохолизирана состојба жртвата, ја соблекла во една од собите, овозможувајќи им на двајцата малолетници да го силуваат девојчето, кое за цело време давало отпор. По целиот настан, осомничената ѝ ја облекла облеката на жртвата и почнала да ја удира со клоци и шамари во пределот на главата“,
велат од обвинителството.
На осомничената ѝ е определен притвор од 30 дена. За двете деца ќе биде предложена мерка ставање под надзор од Центарот за социјални работи.
