Германската амбасадорка во земјава вели дека не може да коментира изјави од соседна држава, но истакнува дека Германија до последен момент се залагала за усвојување на преговарачката рамка
Германското претседателство во рамките на органите на Советот ги дискутираше сите предлози кои беа на маса и до последно се залагаше да се усвои преговарачката рамка за С Македонија за отпочнување на преговорите со ЕУ, вели германската амбасадорка во Скопје, Анке Холштајн, на барање од „360 степени“ да ги коментира изјавите на Министерството за надворешни работи на Бугарија кои дека Германија на министерскиот состанок во ЕУ не ги ставила на дневен ред нивните барања за преговарачката рамка.
„Јас сум амбасадорка во Северна Македонија. Мојата задача не е да коментирам изјави на соседна држава. Можам да ве уверам дека германското претседателство во органите на Советот ги дискутираше сите предлози за решение, кои се наоѓаа на маса и до последна минута најангажирано се залагаше за усвојување на преговарачката рамка. Нашите предлози за текстот наидоа на огромна поддршка, но не и согласност од сите држави-членки. Германското претседателство со Советот е убедено дека ЕУ мора да го одржи својот збор, даден во март, бидејќи само кредибилна ЕУ-перспектива е гаранција за стабилноста во регионот“,
изјави Холштајн за „360 степени“.
Бугарското МНР, во соопштение испратено до медиумите денеска побара Владата на Република Северна Македонија да се откаже од манипулативната теза дека Бугарија го оспорува правото на самоопределување и идентитетот или правото да го нарекуваат сопствениот јазик како што сакаат и притоа изрази жалење што Германија како актуелен претседавач не ги ставила на разгледување нивните барања.
„Предлозите на Бугарија за вклучување на преговарачката рамка на Република Северна Македонија се засновани на јасни принципи, но за жал не беа ставени на разгледување од актуелното претседателство. Тие се во согласност и со заклучоците на Советот на ЕУ од 25 март 2020 година, во кои се истакнува важното значење на постигнување опипливи резултати и доследно спроведување на договорите на Република Северна Македонија со Бугарија и со Грција, како дел од процесот на проширување“,
се вели соопштението на МНР, Бугарија, кое е реакција на вчерашниот став на македонската Влада околу бугарското вето.