Во процесот на проширување, германското претседателство со ЕУ има јасна цел: да се одржи првата меѓувладина конференција со Северна Македонија до крајот на годината, изјави денеска германската амбасадорка Анке Холштајн.
Одговарајќи на новинарско прашање за тоа што би значело евентуално непочнувањето на преговорите со ЕУ во рамки на германското претседателство со ЕУ, амбасадорката Холштајн рече: „Тоа ќе биде неуспех“.
„Во март сите земји членки дадоа зелено светло за почеток на преговорите и отворање на пристапни преговори за членство со Северна Македонија. Работиме напорно да се одржи меѓувладината конференција и ние сме оптимисти дека ќе успееме да ја достигнеме оваа цел“,
изјави Холштајн.
Таа посочи дека Берлинскиот процес, во голема, мера го олеснува овој процес и изрази уверување дека ќе има конструктивна атмосфера и во ноември за време на заедничкото копретседателство со самитот во Софија.
„Ова е важен датум за заокружување на агендата во декември. Согласно правилата и процедурите, 10 ноември е последна шанса за прифаќање на преговарачката рамка и ќе направиме сѐ за ова да се оствари“,
истакна Холштајн.
Амбасадорката Холштајн, заедно со евроамбасадорот Гир и вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, денеска зборуваше на онлајн-промотивен настан за проектот „Промовирање на заеднички вредности низ Европа“, во организација на Транспаренси интернешнл-Македонија.