Американскиот актер и икона на „златното време“ на Холивуд, Кирк Даглас, почина на 103-годишна возраст. Беше познат по голем број улоги, но веројатно најмногу по „Спартак“ на легендарниот режисер Стенли Кјубрик од 1960 година. Беше активен во филмската уметност седум децении.
Кирк Даглас е роден во Њујорк во 1916 година. Син е на неписмени руски имигранти и пораснал во екстремна сиромаштија. Веќе во 1949 година ја добива својата прва номинација за „Оскар“, за улогата во филмот со боксерска тематика „Шампион“.
Икона која се спротивстави на правилата
Кирк Даглас беше особено горд на своето дејствување кое доведе до укинувањето на т.н. „холивудска црна листа“, односно државната забрана во првите години од Студената војна да се соработува со уметници кои американските служби ги гледаа како членови или симпатизери на комунистичката партија. Даглас јавно се спротивстави на забраната и соработуваше со лица од филмската индустрија кои беа „под мраз“.
Даглас и неговата сопруга имаат донирано милиони долари за хуманитарни цели и имаат помогнато да се изградат стотици детски игралишта. Во едно од неговите интервјуа има изјавено дека неговата филозофија е „пред да умреш, обиди се да направиш нешто за другите луѓе“.
Седум децении филмска кариера
Филмската кариера на Кирк Даглас е „запишана“ во одјавните шпици на повеќе од 90 филмски остварувања. Неговата најпозната улога веројатно е Спартак, во истоимениот филм на Стенли Кјубрик.
Номиниран е за „Оскар“ трипати, за „Шампион“ (1949), за „Лошите и убавите“ (1952) и за „Страст за живот“ (1956). На крај, ја доби наградата дури во 1996 за животно дело како признание за 50 години во индустријата.
Реакции
Кирк Даглас е татко на оскаровецот Мајкл Даглас. Во изјавата до медиумите тој вели:
„Со огромна тага, јас и моите браќа, соопштуваме дека Кирк Даглас нè напушти денеска… За светот, тој беше легенда, актер од златното време на филмот. За мене и за моите браќа Џоел и Питер тој едноставно беше Тато. Дозволете ми да завршам со зборовите што му ги кажав на неговиот последен роденден. Тато – те сакам многу и горд сум што сум твој син“,
се вели во дел од изјавата на Мајкл Даглас.
Сопругата на Мајкл Даглас и снаа на Кирк, актерката Кетрин Зета Џонс, објави фотографија со нејзиниот свекор при што напиша: „Ќе те сакам цел живот, веќе ми недостигаш“
Светски познатиот режисер Стивен Спилберг, кој беше и личен пријател со Даглас, изјави дека:
„Кирк ја задржа својата харизма на филмска ѕвезда до крајот на својот прекрасен живот. Почестен сум што бев мал дел од неговите последни 45 години“,
изјави Спилберг за „Холивуд репортер“.