Резолуцијата се однесува и на Романија и во неа се наведува дека причините се корупцијата и криминалот. Бугарскиот претседател Радев обвини дека Софија и Букурешт се заложници на внатрешната политика на Холандија и смета дека ветото ќе се тргне по изборите кои во оваа земја треба да се одржат напролет

Холандскиот парламент вчера изгласа резолуција со која се спротивставува на влезот на Бугарија, но и на Романија во шенген-зоната.
Пратениците со резолуцијата бараат од владата на премиерот Марк Руте да стави вето на пристапувањето бидејќи се загрижени и сакаат да го анализираат владеењето на правото и корупцијата и организираниот криминал во овие две земји.
Во одлуката, како што пренесува „Еуроактив“, се наведува дека распространетоста на корупцијата и организираниот криминал во шенген-зоната може да предизвика сериозни проблеми и претставува ризик за безбедноста и на Холандија и на целиот Шенген.
Веста од Холандија доаѓа два дена откако големо мнозинство во Европскиот парламент усвои резолуција со која побара Романија и Бугарија да се приклучат во шенген-зоната за слободно движење, без понатамошни одлагања.
Хрватска веќе е на пат да се приклучи во шенген-зоната, па Бугарија и Романија, заедно со Кипар и Ирска се единствените земји членки на ЕУ кои се надвор од зоната без граници. Покрај членките на Унијата, дел од Шенген се и неколку земји кои не се дел од ЕУ: Исланд, Норвешка, Швајцарија и Лихтенштајн.
Радев се жали дека Бугарија е заложник на внатрешната холандска политика
Во реакциите на резолуцијата на холандскиот парламент, бугарскиот претседател Румен Радев рече дека Софија и Букурешт станале заложници на внатрешната холандска политика и неговата оценка е дека ваквата ситуација нема да опстане долго.
„Најважно е што сите земји ја поддржаа Бугарија. Холандија сега е сама“,
вели Радев алудирајќи на разговорите што ги имал со францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Олаф Шолц и други лидери на земји од шенген-зоната.
Прашан дали очекува ветото да се тргне за време за чешкото претседателство со ЕУ кое трае до крајот на 2022 година, Радев вели дека и покрај обидите на Чешка да се надмине, прашањето веројатно ќе се реши по изборите што треба да се одржат во Холандија напролет.
Со првична реакција се јави и романскиот премиер Николае Цука, кој кажа дека усвојувањето на резолуцијата во холандскиот парламент не го вознемирува бидејќи Романија направила сè што е потребно за да ги исполни техничките услови за пристапување во зоната.