Според првичните информации, параглајдеристот се здобил со тешки телесни повреди. Повеќе информации се најавуваат откако ќе заврши акцијата
Државјанин на Холандија со параглајдер попладнево паднал на падините на планината Галичица и во тек е спасувачка акција на повеќе тимови.
Од МВР соопштија дека полициски екипи од хеликоптерската единица, алпинистички тим и животоспасувачи од Одделот за специјални полициски операции заедно со граничната полиција веќе се упатени на планината.
„Тие се подготвени за уште една спасувачка акција, откако денеска (02.08.2023) во попладневните часови беше пријавено дека холандски државјанин се здобил со тешки телесни повреди при спуштање со параглајдер на падините на Галичица од македонската страна на планината“,
велат од МВР.
Засега нема повеќе информации во каква состојба е параглајдеристот, а од МВР најавуваат дека повеќе информации ќе соопштат по завршувањето на акцијата.