Со 364 заразени на 100 000 жители, Холандија е со трета највисока стапка во Европа
Вчера, за 24 часа, има 7 000 нови случаи
Затворање на кафулињата и рестораните и забрана за продажба на алкохолни пијалаци во вечерните часови, се дел од мерките што ќе бидат воведени во Холандија за да се спречи ширењето на коронавирусот, објави националната телевизија повикувајќи се на Владата.
Новите рестриктивни мерки ќе бидат објавени вечерва на прес-конференција која ќе биде пренесувана во живо на националната телевизија.
Освен овие мерки кои немаат временско ограничување, ќе бидат воведени и рестрикции кои ќе важат две недели, како прекин на тимските спортови за лица над 18 години, употребата на јавен превоз ќе биде ограничена само на важни патувања и домашните собири ќе се ограничат на до три лица по домаќинство
Бројот на случаи во земјата со 17 милиони жители порасна во последните неколку недели и сега е поголем од 187 000 заразени.
Бројот на новозаразени вчера за 24 часа беше речиси 7 000.
Холандија во последните 14 дена има 364 заразени на 100 000 жители, што е трета највисока стапка во Европа.
Владата на премиерот Марк Руте не сака да воведе строги мерки кои смета дека влијаат на економското закрепнување, но здравствените експерти започнаа да вршат притисок врз владата да преземе мерки за да се спречи оптоварување на здравствениот систем.
И додека многу европски земји воведоа задолжителни мерки, Холандија во голема мера се придржуваше до препораки, вклучително и оние во врска со носењето маски и ограничување на патувањата.