Начинот како се поставени овие црвени линии не ѝ помагаат на нашата држава во отворање на преговарачкиот процес односно во чекорот напред кон ЕУ, рече министерот за земјоделство и генерален секретар на Беса, Арјанит Хоџа, одговарајќи на прашање дали партијата во Собрание ќе ја поддржи резолуцијата што ја предложи ВМРО-ДПМНЕ за црвени линии во преговорите со Бугарија.
Во емисијата „Жешко политичко лето“ на Канал 5 ТВ, генералниот секретар на Беса рече дека смета оти во земјава нема што внатрешно да се убедуваме за тоа како треба да се настапи во преговорите бидејќи сите, вклучително и Албанците, ја поддржуваат македонската етничка заедница.
„Ние имаме разбирање за нашите сограѓани Македонци за употребата на мајчиниот јазик и идентитетот. Тоа не е спорно и ние ги поддржуваме нашите сограѓани во овие преговори со Бугарија. Што се однесува во делот на резолуцијата, мислам дека политичкиот естаблишмент во Бугарија ја држи темата жива, односно општеството таму не го продискутира ова, таму ова не е општествен проблем како што беше со името во Грција кога имаше протести. После изборите во Бугарија се надевам дека ќе има брзо нова влада, јас очекувам дека со помош на нашите сојузници и партнери, ќе има чекор напред во преговорите. Секаков вид на поставување на црвени линии, мислам дека ја загрозува преговарачката позиција на нашата државата. Секој, вклучително и Албанци и други етнички заедници ја поддржуваат македонската етничка заедница во овој дел и мислам дека нема ништо спорно што да се убедиме внатрешно за тоа што и како треба да настапи државата“,
рече Хоџа на Канал 5 ТВ.