Станува збор за демократско, мирољубиво население, вработени, жени и деца од семејства на оние кои работеле за хуманитарните и мировните мисии, активисти од организациите за човекови права, новинари, преведувачи, студенти, стипендисти, како и граѓани кои изминатите 20 години биле поддршка за НАТО-сојузничките сили во Авганистан, вклучително и на Армијата на С Македонија, вели владиниот портпарол
До крајот на неделава, зависно од околностите на аеродромот во Кабул, се очекува да пристигнат со организирани летови најголем дел од 450–те граѓани од Авганистан, информира портпаролот на Владата, Муамет Хоџа.
Како што вели Хоџа, станува збор за демократско, мирољубиво население, вработени, жени и деца од семејства на оние кои работеле за хуманитарните и мировните мисии, активисти од организациите за човекови права, новинари, преведувачи, студенти, стипендисти, како и граѓани кои изминатите 20 години биле поддршка за НАТО-сојузничките сили во Авганистан, вклучително и на Армијата на С Македонија.
„Според информациите, Северна Македонија беше меѓу првите, ако не и прва земја, која сама им пристапи на САД и понуди помош за овие луѓе кои се под опасност по доаѓањето на талибанскиот режим во Авганистан“,
рече портпаролот Хоџа.
Тој напомена дека не постои ризик од мигрантска криза, ниту пак, како што потенцира, оваа хуманитарна операција треба да се поврзува со Прифатниот центар за странци или мигрантските кампови на северната и јужната граница од нашата држава, туку е дел од голема светска хуманитарна акција.
Трошоците за нивното сместување во неколку хотели и мотели во земјава, наведе Хоџа, во целост ќе бидат покриени од меѓународните организации и од САД, се’ до нивно заминување во САД или во трети земји како нивна крајна дестинација.