Тој вели дека ваквиот удар од ДУИ, алудирајќи на приговорот за Желино, доаѓа во момент кога Беса прави силен „камбек“ на политичката сцена. Беса, рече Хоџа, толерирала многу прашања во владината коалиција само за државата да остане посветена на евроинтеграциската иднина, но порача дека нема да дозволи некој да ја нарушува демократската волја на граѓаните. Хоџа му порача на Ахмети и да се подготвува за опозиција

Партијата Беса денеска и утре ќе ги продолжи консултациите дали да остане дел од владејачкото мнозинство или да го напушти, но генералниот секретар на партијата, Аријанит Хоџа, кој е министер за земјоделство, соопшти дека ќе се повлече од министерската функција без разлика дали Беса ќе остане во владејачкото мнозинство.
Тој го обвини коалицискиот партнер ДУИ дека им забиле нож во грб со тоа што поднеле приговор за гласањето во Желино каде што кандидатот на Беса победи со 69 гласа разлика пред противкандидатот од редовите на интегративците.
„Мојот став е јасен и чист, и да одлучи партијата дека треба да се продолжи со ова владејачко мнозинство, јас како министер нема да бидам дел од тоа владејачко мнозинство. Колку и да велат дека ова е емотивна реакција, човек живее за принципи и не можам да се гледам со тие луѓе на маса кога се подготвени нож во грб да му забодат на коалициски партнер кој цела година буквално со сите неправилности стоел само заради големата слика. Очигледно, ДУИ не ја интересира големата слика туку повеќе другите работи, како што е ова со Желино, да направи кризи и слично. Мислам дека е време пополека и тие да се подготват да менуваат“,
рече Хоџа.
На изјавата од лидерот на ДУИ, дека Беса на ваков начин прави притисок врз институциите, Хоџа возврати дека Ахмети треба да се подготви за опозиција.
„Тоа ќе го видиме, можеби Ахмети не се научил досега бидејќи имал други политичари што ги нашол во Владата за да може да раздвојува политички партии и слично. Еве, ќе видиме дали е тоа така или не, ама мислам дека Ахмети треба пополека да се подготвува за опозиција“,
рече генералниот секретар на Беса.
Тој вели дека ваквиот удар од ДУИ, алудирајќи на приговорот за Желино, доаѓа во момент кога Беса прави силен „камбек“ на политичката сцена. Беса, рече Хоџа, толерирала многу прашања во владината коалиција само за државата да остане посветена на евроинтеграциската иднина, но порача дека нема да дозволи некој да ја нарушува демократската волја на граѓаните.
„Ние продолжуваме со нашата ориентација за европската иднина на земјата со сите вредности на демократијата што се промовирани од ЕУ, но нема да дозволиме да бидеме на маса со политички структури кои сакаат да ја нарушат демократската волја на народот односно гласот на граѓанинот како што тоа го прават моментално преку комунистички и тоталитаристички методи. Можеме да толерираме многу прашања и да ги издржиме пречките што ни се направени цела година како дел од владејачкото мнозинство. Ја издржавме и неправдата на последните локални избори каде сите познати методи на ДУИ беа искористени за да се наруши волјата на граѓаните. Но, ние нема да дозволиме во име на европската интеграција да се погази најсветата вредност на демократијата, а тоа е волјата и гласот на граѓаните“,
рече Хоџа.
Тој праша и дали ДУИ ваквата тактика со приговори ја користи уште од 2002 година.
„Како што сте информираше со претставка од набљудувач на ДУИ, и покрај тоа што никаде не е наведено, во Општина Желино ќе се повторува гласањето на избирачкото место 2107 во кое случајно гласа и кандидатот за градоначалник на ДУИ, а на истото избирачко место ДУИ има двојно повисок резултат од Беса. Прашањето што го поставуваме е на колку избирачки места ДУИ дозволила да се појават вакви појави и ги задржале како резерва за да ги повторат изборите и дали е вистина дека од 2002 година наваму ДУИ го користи истиот метод манипулирајќи со изборниот резултат низ целата држава?“,
рече Хоџа.
Приговорот, чие прифаќање од ДИК ја налути Беса, се однесува на избирачкото место 2107, а од ДУИ го поднеле по два основи: поради несовпаѓање на бројот на гласачи кои биле идентификувани со уредите со бројот на гласачи кои се потпишале во Избирачкиот список и поради тоа што едно лице гласало со истечена лична карта. Прифаќањето од ДИК значи дека според моменталната одлука, на ова избирачко место ќе има прегласување.
Меѓутоа, конечната одлука би можел да ја има Управниот суд бидејќи Хоџа денеска соопшти дека ќе поднесе тужба. Одлуката на Уставен, потенцираше тој, сепак нема да влијае на одлуката на Беса бидејќи овде во прашање се почитување на принципи и вредности.
Доколку и Управниот суд донесе иста одлука како ДИК, тогаш на избирачкото место 2107 ќе се прегласува. Прегласување би имало затоа што – ако се земат предвид разликата во гласовите и бројот на гласачи во избирачкото место 2107, би можело да дојде и до пресврт на резултатот во оваа општина каде се соочија кандидатите токму на ДУИ и Беса.
Имено, во вториот круг победи кандидатот на Беса, Блејрим Сејди, со само 69 гласа повеќе од Фатмир Изаири од ДУИ. Сејди имаше 5 171, а Изаири 5 102. На избирачкото место 2107 има вкупно 741 гласач од кои во вториот круг гласале 340.
