Амбасадорот на САД во Србија, Кристофер Хил, порача дека САД и ЕУ очекуваат Србија да се приклучи кон санкциите против Русија и дека Белград треба да се преиспита доколку верува дека Русија ќе му помогне да го реши косовското прашање, пренесе Бета.
Амбасадорот, кој веќе еден месец е во Белград, во интервју за „Глас на Америка“ вели дека Србија сама одлучува за санкциите, без притисок, но не кажа дали ќе има последици за српско-американските односи доколку Белград остане на сегашната позиција.
Хил рече дека американскиот сенатор, Крис Марфи и неговите колеги и српскиот претседател, Александар Вучиќ, разговарале за повеќе теми минатата недела, вклучително и за односите меѓу Србија и САД, и рекле дека односите се добри, но и дека може да се направи повеќе.
„Една од темите беше ситуацијата во Украина, една од најголемите трагедии во овој век. Затоа, не е чудно што американските претставници презентираа различни аспекти на таа ситуација во комбинација со односите меѓу Србија и ЕУ“,
рече тој.
Хил се осврна и на извештајот напишан од американскиот сенатор Крис Марфи, по кој, како што вели, луѓето некако сфатија дека 60 дена за економски прашања се однесуваа на санкции – што не е точно. Бев таму и не се работеше за санкции, вели тој.
Вучиќ ги демантираше тврдењата дека кога споменал дека за 60 дена ќе одлучува и одговара на една тема, се зборувало за санкции кон Русија.
Рече дека со американскиот сенатор не разговарал за воведување санкции против Русија, но дека Србија е под сериозен притисок да се приклучи.