Според извештајот од инспекцискиот надзор, операторот со храна во кујната на интернатот води уредни записи за слеливост на храната, соодветно чува контролни оброци и самоиницијативно врши лабораториски анализи за микробиолошко тестирање на храната, работните површини и опремата за работа, со кои ја потврдува безбедноста
Хигиенско-санитарната состојба во кујната на средношколскиот интернат „Здравко Цветковски“ во Скопје е добра, а инспекцискиот надзор не констатира недоследности, соопштија денеска од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) за наводите дека учениците се хранат со оброци во кои се најдени инсекти, односно бубашваби.

Инспекцискиот надзор од страна на АХВ е направен врз основа на поднесена иницијатива од граѓанин дека во објектот на интернатот и во кујната се затекнати инсекти.
„При последната инспекциска контрола спроведена на 19 ноември годинава врз основа на иницијатива од граѓанин за спроведување вонреден инспекциски надзор, не се констатирани недоследности, односно во кујната на интернатот е добра хигиенско-санитарната состојба. Не се затекнати ниту инсекти во објектот како што е наведено во иницијативата“,
се вели во соопштението од АХВ.
Од надзорот е утврдено и дека вработените имаат уредни санитарни книшки и соодветно се спроведени мерки за дератизација, дезинсекција и дезинфекција.
„Операторот со храна води уредни записи за слеливост на храната, соодветно чува контролни оброци и самоиницијативно врши лабораториски анализи за микробиолошко тестирање храна, работни површини и опрема за работа, со кои пред инспекциските служби ја потврдува безбедноста“,
информираат од Агенцијата.
