Побара зголемување на буџетот на Хидробиолошкиот завод како институција што има клучна улога во зачувувањето на водните ресурси на државата
Мораме да се грижиме и да ги сочуваме нашите природни убавини и реткости. Тие не се вечни, тие се наше, но и светско наследство и му припаѓаат на целото човештво, не само нам. Во таа насока, наш императив е да го сочуваме Охридското Езеро како непроценлив животен ресурс. Неговата благосостојба не е сама по себе загарантирана, ако општеството и институциите не се грижат за него. Ова денеска го порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на одбележувањето на 90-годишнината од основањето на Хидробиолошкиот завод во Охрид.

„Да склучиме договор со природата, да склучиме договор со Охридското Езеро, а можеби да донесеме закон за Охрид, третирајќи го како надредено над нас, постаро и поважно. Да го заштитиме, оти преку него се штитиме себеси. Да вложуваме во екологијата“,
рече таа.
Побара зголемување на буџетот на Хидробиолошкиот завод како институција што има клучна улога во зачувувањето на водните ресурси на државата.
„Хидробиолошкиот завод не е чувар единствено на Охридското Езеро. Тој е посветен и на другите два бисери на македонската водна ризница, Преспанското и Дојранското Eзеро. Имаме генерациска обврска да обезбедиме непречено и континуирано функционирање на фундаменталната научно-истражувачка и образовна дејност од областа на билогијата – лимнологијата“,
кажа претседателката.
Според неа, Хидробиолошкиот завод во Охрид претставува првата линија во одбраната против климатските промени, исчезнувањето на видовите и загадувањето на водите.
Директорката на Хидробиолошкиот завод, Орхидеја Тасевска, рече дека девет децении постоење не се само бројка, туку историја на посветеност, труд и научна љубопитност.
„Во 1935 година, во времето кога науката за копнените води беше во своите почетоци, токму овде на бреговите на Охридското Езеро се поставија темелите на првиот научно-истражувачки центар од ваков вид на Балканот“,
рече таа.
Со тоа, додаде таа, благодарение на визионерството на научникот академик Синиша Станковиќ започнува една нова ера на системско проучување на езерото и на богатите флора и фауна со бројни ендемични и реликтни видови.