Од Град Скопје додаваат дека за ваков тип хаварија, покрај паричната казна од 45 000 евра, следи и затворање на погонот, како и налог за санирање на штетите предизвикани од инцидентот
Денеска во населбата Пинтија во Кисела Вода од резервоар на објект на приватна компанија за производство на стиропор се излеале хемикалии што биле користени во производствениот процес, соопшти попладнево Град Скопје.

Како што се наведува во писменото соопштение од Градот, на самото место се присутни екипи на скопската противпожарна бригада за да го изолираат инцидентот. На местото излегле инспектори од Град Скопје кои, како што се наведува составиле записни за хаваријата.
„Со инспекциски извештај за извршен технички преглед на опрема под притисок каде со заклучок е нотирано дека на вентилот има знаци на протекување, правното лице не преземало мерки да го спречи настанувањето на хаваријата на која сме сведоци“,
се наведува во соопштението на Град Скопје.
Оттаму додаваат дека за ваков тип хаварија, покрај паричната казна од 45 000 евра, следи и затворање на погонот, како и налог за санирање на штетите предизвикани од инцидентот.
Од Градот апелираат до општина Кисела Вода, под чија надлежност велат е овој објект, да постапат во рамките на своите надлежности. Оттаму, исто така, бараат и Министерството за животна средина и просторно планирање да преземе мерки за санкционирање на правното лице.