Споредувајќи ги податоците во личните карти на граѓаните-државјани на 134 држави во светот, компаративните искуства укажуваат на негативните импликации на внесувањето етничка или религиска припадност во личните карти
Внесувањето графа за етничка припадност го редефинира значењето на личната карта со тоа што го подрива граѓанскиот идентитет за сметка на етничкиот и ја предизвикува интеграцијата на државата во Европската Унија заради тоа што ниту една земја членка на Унијата нема воспоставено ваква практика, посочуваат од Хелсиншкиот комитет за човекови права во однос на предлогот за додавање графа за етничка припадност во личните карти на граѓаните.
Невладината организација во правниот осврт и мислење објавено на нивната веб-страница посочува дека актуелната јавна дебата по предлог-измените на Законот за личната карта, отворил значајни прашања од општествен, уставен и интеграциски карактер.
„Споредувајќи ги податоците во личните карти на граѓаните-државјани на 134 држави во светот, компаративните искуства укажуваат на негативните импликации на внесувањето етничка или религиска припадност во личните карти. Поради ова, повеќе држави во годините наназад или целосно го напуштија овој пристап, или го направија опционално внесувањето на етничката припадност во личните карти, односно оставија на граѓаните да одлучат дали етничката припадност ќе биде внесена во нивната лична карта. Сепак, имајќи ја предвид стратешката определба на Република Северна Македонија за полноправно членство во Европската унија, повторно е потребно да се нотира фактот дека ниту една земја членка не предвидела внесување на етничката припадност во личните карти на нивните граѓани“,
се вели во мислењето од Хелсиншкиот комитет.
Вчера и евроамбасадорот Дејвид Гир, одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали измените во Законот за лични карти и наведувањето етничка определба се во согласност со европската регулатива рече дека општата регулатива за заштита на лични податоци, која стапува во сила во август годинава, забранува споделување лични податоци, како расна, етничка, политичка и верска припадност.