Според информациите, сите членови на екипажите на леталата се спасени и пренесени на безбедно, а морнарицата на САД веднаш започнала истрага за утврдување на причините за инцидентите над стратешки важната локација
Хеликоптер и борбен авион на морнарицата на Соединетите Американски Држави (САД) се урнаа еден по друг во период од половина час за време на одделни рутински операции над Јужното Кинеско Море, соопшти Тихоокеанската флота на морнарицата, пренесе Си-ен-ен.

Според информациите, сите членови на екипажите на леталата се спасени и пренесени на безбедно, а морнарицата на САД веднаш започнала истрага за утврдување на причините за двата инциденти над стратешки важната локација.
Двата инциденти ги коментираше и американскиот претседател Доналд Трамп, одговарајќи на новинарски прашања во претседателскиот авион „Ер форс уан“ (Air Force One), на пат од Малезија кон Јапонија.
Тој ги оквалификува двата случаи како „многу необични“, наведувајќи дека постојат сомнежи оти инцидентите се случиле поради проблеми со горивото.
„Тие (морнарицата) мислат дека можеби станува збор за лошо гориво. Ќе откриеме. Нема што да се крие“,
пренесува Си-ен-ен дел од одговор на Трамп на новинарско прашање.
Морнарицата на САД на социјалните мрежи соопшти дека хеликоптер од типот „МХ-60Р сихок“ (MH-60R Seahawk) се урнал околу 14:45 часот по локално време „додека извршувал рутински операции од носачот на авиони УСС „Нимиц“ (USS Nimitz). По инцидентот, како што се наведува, екипите за пребарување и спасување ги спасиле тројцата членови на екипажот на хеликоптерот.
Околу половина час подоцна, борбен авион од типот „Ф/А-18Ф суперхорнет“ (F/A-18F Super Hornet), исто така, се урнал додека извршувал рутински операции од носачот на авиони.
Двајцата членови на екипажот на авионот успеале веднаш да се катапултираат, по што биле извлечени од спасувачките екипи.
Инаку, како што наведува американската телевизија, „Ф/А-18“ е четвртиот од борбените авиони, вредни околу 60 милиони долари, што американската морнарица ги загуби оваа година.
Морнарицата пролетта загуби два „Ф/А-18“ во Црвеното Море, од кои едниот падна од носач на авиони, а другиот се урна поради проблем со системот за слетување. Третиот борбен авион се урна во август во сојузната држава Вирџинија за време на тренажен лет.
Носачот на авиони УСС „Нимиц“, пак, е еден од најголемите воени бродови во светот. Тој е најстариот американски носач на авиони, кој сè уште е во употреба и се очекува да биде повлечен следната година.
Што се однесува до Јужното Кинеско Море, станува збор за стратешки витално подрачје, на кое покрај Кина право полагаат уште неколку земји од Југоисточна Азија. Сепак, Пекинг тврди дека речиси целиот овој воден пат е дел од нејзините територијални води, што е, пак, спротивно на одлуката на меѓународниот суд.
Во изминатите две децении, Кина ги зајакна своите активности во овој регион со изградба на воени инсталации на спорни острови и морски гребени, што САД го оценуваат и го критикуваат како загрозување на слободата на пловидбата и слободата на поморската трговија.
Американските поморски сили одржуваат постојано присуство во регионот, како поддршка на своите партнери и сојузници во овој дел од светот.
Двата инциденти се случуваат за време на дипломатската турнеја на Трамп во Азија, во рамките на која тој треба да се сретне и со кинескиот лидер Си Ѓинпинг, на разговори кои главно се очекува да бидат фокусирани на трговијата.
Односите меѓу двете земји се влошија во последните недели откако Пекинг и Вашингтон воведоа драстични царински мерки еден на друг, по неколкумесечниот релативен трговски мир. Американскиот секретар за финансии Скот Бесент вчера изјави дека САД и Кина постигнале рамковен трговски договор, со што се ублажуваат тензиите пред долгоочекуваната средба меѓу Трамп и Си.
