Пожарот што три дена гори во атарот на општина Чучер Сандево од утрово е целосно изгаснат, иако сè уште се гледа чадење на неколку места, но, како што информира Ангелов, тие потекнуваат од трупци што догоруваат
Хеликоптер од утрово учествува во гаснењето на пожарот над селото Николич во околината на Дојран, информира од терен директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов.
Еден „ертрактор“, пак, ќе го гаси пожарот на над фабриката „Самоков“ во Општина Македонски Брод.
Ангелов очекува овие два пожари во текот на денот да бидат ставени под целосна контрола.

„Нашиот фокус денеска ќе биде гаснењето на пожарот во околината на Дојран над селото Николич. Овде има една сосема мала брана што хеликоптерот ја користи за полнење на вода и така дејствува врз овој тежок пожар, што се наоѓа на исклучително стрмен предел. Затоа го користиме хеликоптерот кој со кратки налети од три до четири минути брзо и ефикасно дејствува врз пожарот, кој во моментов има еден активен крак“,
вели Ангелов во видеообраќањето до медиумите.
На терен се пожарникари од Гевгелија и Валандово, доброволното противпожарно друштво од Дојран, како и неколку екипи на „Национални шуми“.
Негова претпоставка е дека за неколку часа овој пожар ќе биде ставен под целосна контрола, па дури и изгаснат.
„Во текот на денот тука ќе останат екипи, што ќе се погрижат истиот повторно да не се разгори“,
кажа тој.
За потежок пожар го оцени тој во Општина Македонски Брод, над фабриката „Самоков“, каде што денеска ќе дејствува еден „ертрактор“ на Дирекцијата за заштита и спасување.
И овој пожар, како што додаде, очекува да биде изгаснат во текот на денот.
Пожарот што три дена гори во атарот на општина Чучер Сандево од утрово е целосно изгаснат, иако сè уште се гледа чадење на неколку места, но како што информира Ангелов, тие потекнуваат од трупци што догоруваат.
Според Центарот за управување со кризи (ЦУК), до 7 часот утринава во земјава регистрирани се вкупно 31 пожар на отворен простор од кои седум се активни.