Тачи, кој како и другите обвинети се наоѓа во притвор од ноември 2020 година, денеска во Хаг беше посетен од албанскиот премиер Еди Рама
Поранешниот косовски претседател и еден од лидерите на ОВК, Хашим Тачи, денеска пред Специјалниот суд се изјасни како невин за новите обвинувања од потврдениот дополнет обвинителен акт, објавено е на интернет-страницата на Специјализираните совети.
Пред судот денеска ќе се појават и Кадри Весељи, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи, јави Коха.
Специјалното обвинителство на 29 април 2022 година поднесе изменето обвинение против Тачи, Весељи, Селими, Красниќи кое се однесува на воени злосторства и злосторства против човештвото во Гнилане, Будаково и во Семиниште.
Како и во претходното така и во новото обвинение, четворицата се товарат за убиство, мачење, нехуман третман и противзаконско апсење. Тие се обвинети за низа злосторства извршени во неколку притворени центри во периодот од 1998 до 1999 година.
Тачи, кој како и останатите обвинети се наоѓа во притвор од ноември 2020 година, денеска во Хаг беше посетен од албанскиот премиер Еди Рама.
Рама објави видео на Фејсбук на кое се гледа како влегува во објектот каде што е сместен Тачи во Хаг.