Во однос на домашната медиумска сцена, точно е дека традиционални медиуми се поотпорни. Но, каналите за пролиферација на тие наративи се социјалните мрежи, вели Хасановиќ
Експертот по стратешки комуникации и координатор за Западен Балкан во Институтот за стратешки дијалог со седиште во Лондон, Емир Хасановиќ, во „360 степени“ на ТВ Алсат, зборуваше за информациската војна поврзана со руската инвазија во Украина, како и наративите кои се препознаваат на социјалните мрежи.
„Информациските војни не функционираат во изолација и се составен дел во она што се случува во глобала. Уште од 2016 година, НАТО во рамките на своите домени на операции го додаде и сајбер-просторот со подеднаква важност како копното, воздухот и водата. Во тој сајбер-простор, информациската војна е подеднакво битна и критична во обезбедувањето на стабилноста на една држава. Информациската војна се класифицира како војна за умот и срцата на јавноста во една држава. Во тоа нема простор за спорадичност или за некаква спонтаност. Тоа се планирани операции кои се зановаат на надворешпно-политички цели во интересни зони. Ако го погледнеме Балканот во овој контекст, тоа е место каде има многу отворени прашања и место плодно за информациски конфронтации, бидејќи интересите на многу играчи се испреплетени. Ја имаме нестабилноста во Црна Гора, ја имаме БиХ како институционална мртва точка во овој момент, косовското прашање кое резултира во повеќе тензии, Северна Македонија која се наоѓа во одредена незавидна положба“,
вели Хасановиќ.
Тој смета дека не е случајно тоа што дезинформациите во врска со пандемијата и во врска со случувањата во Украина имаат одредено поклопување.
„Најмекото ткиво е она кое нема доверба во државните институции, кое е разочарано од моменталните поставки во државата и тоа е подложно на дезинформации. Во однос на домашната медиумска сцена, точно е дека домашните традиционални медиуми се поотпорни. Каналите за пролиферација на тие наративи се социјалните мрежи. Моментално, ‘Раша тудеј’ и ‘Спутник’ се под санкции, бидејќи доаѓаат од Русија каде има забранета терминологија за објектовно известување за одредени случувања – дека тоа што се случува во Украина не е војна туку специјална операција. Има и други наративи кои се препознаваат, а тоа се дека руските интереси се под закана, како и познатиот ‘уотабаутизам’ (whataboutism)- споредување на одредени други случувања во историски моменти како што е ситуацијата во Косово и оправдување на воените дејствија и инвазијата во Украина“,
рече Хасановиќ.