Адвокатите на денешното рочиште тврдат дека не станува збор за обично спојување на две обвиненија, туку за сосема ново обвинение. Дел од нив, во таа насока, посочија дека во интегрираното обвинение има промени во времето на сторување на кривичните дела за кои се товарат нивните клиенти
Адвокатите на дел од обвинетите во предметот за пожарот во „Пулс“ на почетокот на денешното рочиште имаа повеќе забелешки на ревидираното и интегрирано обвинение и новата листа на докази.

Имено, на првото рочиште во средата (19 ноември) судијката Диана Груевска-Илиевска, која претседава со судечкиот совет, донесе решение за формално спојување на обвинението против сопственикот на агенцијата за обезбедување „Рубикон“, Александар Нацев, со главното обвинение.
По ова Обвинителството поднесе интегрирано обвинение и редуцирана листа на докази.
Дел од адвокатите и тогаш реагираа на, како што го оквалификуваа, новото обвинение, и бараа одложување на рочиштето.
Реагираа и денеска.
Адвокатката Сузана Јошевска Атанасовска кажа дека доказите што им се доставени сега се измешани, ненумерирани и не се совпаѓаат со оние што им се доставени на уесбе.
„Доказите се измешани. Ве молам, ако може судот да го задолжи Обвинителството да ни достави средени, нумерирани и именувани докази”,
рече бранителката на еден од обвинетите.
Неколку бранители на обвинети рекоа дека не го добиле интегрираното обвинение.
Адвокатите тврдеа дека не станува збор за обично спојување на две обвиненија, туку за сосема ново обвинение. Дел од нив, во таа насока, посочија дека во интегрираното обвинение има промени во времето на сторување на кривичните дела за кои се товарат нивните клиенти.
„Постои отстапување во временската рамка“,
рече еден од адвокатите.
Според друг бранител, поради промени во временската рамка, од интегрираното обвинение произлегува дека неговиот клиент не бил ниту вработен кога делото што му се става на товар било извршено.
За измешаните докази обвинителот Борче Јанев рече дека доказниот материјал не е нумериран, туку е даден редослед на доказите.
На забелешка на судијката дали интегрираната верзија е средена, обвинителот кажа дека има повторување на доказите, но сите докази се предадени во месец јуни и одбраната имала доволно време да реагира и да бара нивно уредување.
Адвокатот Лазар Зафировски, бранител на обвинетиот Лазар Захариев, рече дека има промени во временскиот период на сторување на дејствијата и по првпат е вметнато ново лице Мартин Атанасовски, за кого се вели дека ја внел пиротехниката, а претходно се тврдеше дека тоа го направила групата ДНК.
„Судот треба да ја отповика одлуката за интегрираното обвинение бидејќи беше доведено во заблуда дека се врши спојување на неизменети обвиненија“,
кажа адвокатот.
Во оваа насока реагираа и други адвокати, од кои дел кажаа дека не го добиле обвинението и затоа не можат нивните клиенти да се изјаснат за вина, а нивната одбрана да даде воведни зборови.
Тие рекоа дека обвинителството не ја почитува постапката и дека се носат одлуки спротивни на Законот за кривична постапка.
„Ова е смислено од Обвинителството, за да бидеме ставени во подредена положба“,
рече еден од адвокатите.
Друг негов колега укажа дека измена на обвинителен акт може да се прави само во доказна постапка во текот на главната расправа.
„Според закон ако обвинителството констатира дека изведените докази укажуваат на промена може да изврши измена, а поради фактот дека постапката не е во фаза на изведување докази не ни е јасно како ќе се извлечеме од оваа мат-позиција затоа што ова не е изменување на обвинение, туку имаме ново обвинение. Треба да одлучиме дали ова ново обвинение подлежи на оцена и се надевам на мудроста на судот“,
рече еден од адвокатите на обвинетите.
Обвинителот Благој Јанев рече дека станува збор за ново обвинение затоа што, како што кажа, не е сменет субјективниот и објективниот идентитет на двете обвиненија што се споени.
„Точно е дека во ЗКП не постои можност за исправка на технички грешки, но тоа не значи дека е нарушен објективниот и субјективниот идентитет на обвинението, нема нови обвинети, ниту е сменет описот на фактичката состојба и на суштествениот елемент, што би одело на штета на одбрната”,
рече обвинителот.
Реплицирајќи, адвокатот Петре Шилегов, кој е бранител на еден од обвинетите, рече дека не може да се очекува да се дојде до правда за ваква огромна трагедија, преку неправда.
По ова судијката Диана Груевска-Илиевска даде пауза по која треба да се произнесе по забелешките на одбраната, од која, како што кажаа дел од адвокатите, нивните клиенти не го добиле обвинението и поради тоа не можат да се изјаснат по вина и да дадат воведни зборови.
Во судницата во рамките на КПУ „Идризово” денеска почна второто рочиште од судскиот процес за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, на кој обвинетите треба да се изјаснат дали се чувствуваат виновни или не за делото што им се става на товар – загрозување на општата сигурност.
