Јово Вангеловски, поддржан од дел од врховните судии, користејќи ги правните недоречености, ја развлекува постапката за потврда на неговото разрешување, најверојатно чекајќи го исходот од изборите на 12 април, коментира извор упатен во случувањата
Врховните судии присутни на вчерашното заседание на општата седница се поделиле во ставовите за тоа кој и како треба да одлучи за барањата за изземање на советите што решаваат по жалбите на разрешените Јово Вангеловски и Рахилка Стојковска
Состанокот со кој раководел судијата Васил Грчев, завршил без одлука, но со заклучок в понеделник повторно да заседава општата седница
Општата седница на Врховниот суд в понеделник повторно ќе заседава, но неизвесно е дали судиите ќе се расплеткаат од ситуацијата во која ги доведе експретседателот на Судот, Јово Вангеловски, со постојаните барања за изземање на неговите поранешни колеги.
Како што веќе објавивме, општата седница на вчерашното заседание не донела одлука по барањата на Вангеловски и на другата разрешена судијка Рахилка Стојковска за изземање на советите при Врховен кои треба да решаваат по жалбите на двајцата судии кои Судскиот совет ги разреши на 10 септември минатата година. Жалбените совети одамна ги пробија законските 30 дена рок за да донесат одлука, но ситуацијата е толку замрсена што е крајно неизвесно дали и кога би се донеле конечните одлуки.

*поврзана вест Ново развлекување на постапката за потврда на разрешувањето на Јово Вангеловски
Врховните судии присутни на вчерашната општа седница, со која раководел Васил Грчев, се поделиле во ставовите за тоа кој и како треба да одлучи за барањата за изземање на жалбените совети. Состанокот поминал во расправии и завршил без одлука, но со заклучок општата седница да се состане повторно в понеделник.
Вчера Грчев претседавал со состанокот во отсуство на в.д. претседателот Фаик Арслани, кој е веќе изземен од одлучување во постапката за Вангеловски и Стојковска бидејќи беше дел од петчлениот совет кој во мај 2017 година му го укина притворот на Сеад Кочан додека тој беше во бегство. Таа одлука донесена со мнозинство гласови (3:2) е причината за разрешувањето на Вангеловски и Стојковска од Судскиот совет.

Тоа што, според нашиот извор, било спорно на вчерашното заседание е прашањето за кворумот неопходен за општата седница да може да реши за барањата за изземање. Со веќе изземените неколкумина судии и со новите барања за изземања кои Вангеловски продолжил да ги испраќа и во текот на вчерашниот ден, некои судии го проблематизирале кворумот за носење одлуки. Се слушнале идеи за промени во Деловникот за работа на Судот, па дури и за носење начелно правно мислење. Токму ова треба да биде темата за дебата в понеделник.
Новата жалбена постапка – шанса за развлекување
Вангеловски, а покрај него и Стојковска, го користат фактот што првпат се спроведува жалбена постапка по одлука за разрешување од Судскиот совет и се обидуваат ситуацијата да ја доведат до апсурд, коментира изворот на „360 степени“.
Според последните измени на Законот за Судскиот совет, одлука за разрешување судија носи Судскиот совет, на што засегнатиот судија има право на жалба до Совет за жалба што се формира при Врховниот суд. Од 9 члена на Советот за жалба, тројца се врховни судии, двајца се судии од судот од кој потекнува засегнатиот судија, а уште по еден член се делегира од четирите апелациски подрачја – скопско, гостиварско, битолско и штипско. Во случајот со Вангеловски и Стојковска, тоа значи дека петмина од деветтемина членови во жалбените совети се врховни судии.

„360 степени“ во повеќе наврати досега известуваше за одолговлекувањата на постапката и правните маневри што ги преземаат засегнатите. Вангеловски поднел и претставки до Судскиот совет со барање за разрешување на врховните судијки Беса Адеми и Цветанка Периќ со тврдење дека нестручно и несовесно ја водат постапката за него во жалбениот совет.
*поврзана вест Јово Вангеловски иницира разрешување на судии што треба да го потврдат неговото заминување од Врховен
Исти претставки поднела и Рахилка Стојковска. Таа бара разрешување на врховните судии Шпенд Деваја и повторно Цветанка Периќ, со истото образложение.
*поврзана вест Обвинителството отворило предмет за случаите што Јово Вангеловски ги криел во фиока