Внатрепартиската конфронтација во Демократската партија на Албанија, во која главната улога ја има поранешниот претседател и премиер Сали Бериша добива хаотични размери со насилни инциденти, закани и невидена бруталност.
Илјадници верни приврзаници на Бериша денеска се обидоа насилно да упаднат и да ги окупираат канцелариите на партијата во центарот на Тирана, но беа спречени откако им се спротиставија членови на партијата кои го поддржуваат актуелниот претседател Љуљзим Баша.

Демонстрантите го „опседнаа“ објектот барајќи Баша да им ги предаде канцелариите кои, според Бериша, нелегално се узурпирани од раководството на партијата и тој да отпочне процес за враќање на „вистинската“ Демократската партија.
Попладнето по барање на Баша интервенирала полицијата и ги растерала следбениците на Бериша.
Сепак, ситуацијата и натаму е тензична, а западните амбасади апелираа на воздржаност.

Сали Бериша, основачот на Демократската партија во Албанија, неодамна започна кампања за соборување на својот наследник Љуљзим Баша која денеска ескалираше со обид за насилно окупирање на партискиот штаб.
„Со оваа грда претстава на насилство, Сали Бериша го запечати својот последен ден во политиката. Апсолутното мнозинство од демократите го напуштија него и криминалците со кои бараше да ја уништи Демократската партија. Демократите денеска решително застанаа во одбрана на Домот на слободата, како единствена надеж на Албанците за промени“,
напиша Баша на својот профил на Фејсбук по денешните случувања.