Повеќе пратеници од редовите на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ реагираа на своите фејсбук-профили откако пратеничката Дафина Стојановска го обвини вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ дека ѝ праќал бакнежи на седница. Маричиќ демантира на својот фејсбук-профил.
Повеќе пратеници од редовите на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ реагираа на своите фејсбук-профили, откако пратеничката Дафина Стојаноска денеска во Собранието го обвини вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ дека ѝ праќал бакнежи и намигнувања.
Снимки или фотографии од моментот кој го потенцира Стојановска, за време на преносот на седницата, нема.
„Како не ви е срам, ужас сте. Нека ве сликаат како праќате бакнежи. Лигав еден. Ова е скандал од невидени размери. Вака може да се однесувате само дома, бакнежи и намигнување само дома, вицепремиеру“,
викаше Стојановска од собраниската говорница.
Во тој момент потпретседателот на Собранието, Горан Мисовски, кој претседаваше со седницата за пратенички прашања проба да ја смири ситуацијата, по што Стојановска и уште неколку пратенички реагираа до Мисовски за тој повторно да ѝ дозволи да говори.
Веднаш по случувањата, пратеничката Стојановска се огласи и на Фејсбук: „Бакнежи и намигања – дома!!! Срам за двете знамиња позади!!! Срам за машкиот пол!! Позади камера е лесно да си ‘мачо-мен’. Лигав Вицепремиер“, напиша таа, по што следуваа уште неколку реакции од нејзини сопартијци.
Се огласи и Ели Панова на Фејсбук.
„Ова дно од Министер, денес упатуваше бакнежи од место кон моја колешка Дафина Стојаноска, додека истата зборуваше на собраниска говорница. И не е прв пат да дофрлуваат, примитивно и без срам луѓево кои ќе не носеле во Европа, а всушност се НЕИЗЖИВЕАНИ! Недостоен е да биде Министер!!! Очекувам да има реакција и од пратеничките на СДС, Премиерот, од Славица Грковска, невладините…. Прашање до Маричич: некој да и пуштал “бакнежи” на твојата сопруга додека била пратеничка, и додека зборувала на говорница, ок ќе беше???“,
напиша Панова.
А на нивните реакции, се надоврза и Антонио Милошоски.
„Она кога си неизживеан вицепремиер, умислен мачомен и без срам провоцираш жена, сопруга и пратеничка со недоличен сексизам!“,
напиша тој.
По ова, Маричиќ се огласи на Фејсбук за да демантира.
„Најостро ги демантирам недостојните и ниски лаги на пратеничката Дафина Стојаноска. Со пратеничката ниту сум имал било каква комуникација ниту сум ѝ испратил било каква вербална или гестикулативна порака. Ништо од тоа. Дафина Стојаноска денеска им нанесе срам на сите пратеници, на цел Парламент и пред сѐ на нејзината партија. Сепак, најголемиот срам си го нанесе себеси. Македонските граѓани заслужуваат достојно однесување од своите избраници, а не срамни потези за евтини и партиски манипулации. Достојноста на македонскиот парламент е многу поважна од личните и партиски интереси на Дафина Стојаноска и од нервозата и безидејноста која владее во нејзиниот табор“,
напиша вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ.
