Според директорот на СЗО за Европа, новите лекови што ќе се појават во 2022 значително ќе ги зголемат шансите за преживување на пациентите, а вакцините од следните генерации ќе бидат приспособени на новите варијанти

Новите лекови против ковид-19 во 2022 година значително ќе ги подобрат шансите за преживување на тешко болните пациенти заразени со коронавирусот, изјави директорот на СЗО за Европа, Ханс Клуге.
„Јас сум ентузијаст за новите антивирусни лекови кои најверојатно ќе се појават на пазарот во 2022 година и кои значително ќе ги зголемат шансите за преживување на пациентите примени во болница со тешка форма на ковид-19“,
рече тој.
Клуге нагласи дека вакцините од следната генерација ќе бидат поефикасни против новите варијанти на коронавирус што ќе се појават низ целиот свет.
„Не можам да ја предвидам иднината. Но, треба да се забележи дека сегашните вакцини се првата генерација вакцини против ковид-19. Идните вакцини ќе бидат усовршени и приспособени на новите варијанти, што ќе ги направи поефикасни. Тоа е процес сличен на оној што веќе се случува со вакцините против грип, кои речиси секоја година се приспособуваат на новите соеви“,
објасни тој.