Непочнувањето преговори со Северна Македонија и Албанија за пристапување кон Европската Унија е јасен неуспех на Унијата, рече поранешниот еврокомесар Јоханес Хан во излагањето на панел-дискусијата „Ресетирање на синергијата меѓу ЕУ и САД кон Западен Балкан“, која денеска се одржува во Охрид во рамките на „Преспа форумот за дијалог“.
Хан, чие име е поврзано со клучни политики со проширувањето на Унијата, а сега е надлежен за буџетот, изрази жалење за таквиот чекор посочувајќи дека Европската комисија донесе многу извештаи за испорачани резултати на двете земји.
„Многу беше кажано за неспособноста на ЕУ да ги започне преговорите за пристапување кон Унијата за Северна Македонија и Албанија. И јасно е дека нема што да кажам во врска со ова. Ова е јасен неуспех од наша страна и жалиме дека сме таму и зошто е така. Јасно и потврдено е дека ЕК донесе многу извештаи дека овие земји испорачаа резултати и отсекогаш велевме откако тие ќе испорачаат, мораме и ние да испорачаме резултати, а ние тоа не го направивме досега. Затоа се надевам дека словенечкото претседателство, иако шест месеци е кратко време, но во политиката некогаш може и да биде доволно за да се постигне нешто“,
рече Хан.
Смета дека политичарите се тие што треба да носат одлуки, а не експертите и научниците.
„Постои начин доколку политичарите се тие што ги носат одлуките, ако оставиме на експертите и научниците нема да има резултати. Но, клучната надлежност на добар политичар и добар водач, како што видовме во Преспа, е да се постигне договор, компромис, кој е победничка ситуација за сите. Да се има компромис значи да се покаже водство, затоа што од една страна брани некои позиции, а од друга страна двете страни имаат корист доколку се изнајде договор. Па затоа дојде времето кај политичарите кога тоа треба да се разреши“,
рече Хан.
Навраќајќи се на она што ЕУ и САД може да го направат, посочи дека треба да инвестираат во економскиот развој, но неизоставен дел треба да биде и владеењето на правото.
„Секако и поради ситуацијата со која се соочуваме внатре во Унијата, видовме настани кои не ги претпоставивме во минатото. И нашиот договор има слабости во врска со тоа како да се дејствува, кога се соочуваме со проблеми во некоја од нашите земји членки. Владеењето на правото, како нов инструмент треба да биде спроведен“,
рече Хан.
По започнување на преговорите со Унијата, подвлече дека владеењето на правото е клучен елемент, кое смета дека е поврзано и со економскиот развој.
Како одговорен за буџетот во Унијата, Хан посочи дека за регионот се издвоени 9 милијарди евра неповратни средства и уште 20 милијарди за кредити.