Канцеларијата на израелскиот премиер соопшти дека САД ги информирале за намерата на Хамас да го ослободи Александер „како гест до Американците“, но дека очекуваат потегот да доведе до договор за ослободување на сите преостанати заложници

Хамас вели дека ќе го ослободи израелско-американскиот заложник Едан Александер, за кој се верува дека е последниот жив заложник со американско државјанство во Газа, како дел од напорите за постигнување договор за прекин на огнот, пишува Би-би-си.
Одлуката, како што се додава во написот, доаѓа откако висок функционер на Хамас изјави дека палестинската вооружена група преговарала директно со функционер на американската администрација во Катар.
Висок палестински функционер вели дека тоа е знак на добра волја пред претседателот Доналд Трамп да пристигне на Блискиот Исток во вторник.
Ослободувањето на Александер се очекува да биде утре.
Американскиот претседател Доналд Трамп ја потврди веста во објава на социјалните мрежи, пишувајќи дека 21-годишниот Александер „се враќа дома кај своето семејство“.
„Ова беше чекор направен во добра волја кон Соединетите Американски Држави и напорите на медијаторите – Катар и Египет – да се стави крај на оваа многу брутална војна и да се вратат сите живи заложници и останки на нивните најблиски“,
пишува Трамп.
Канцеларијата на израелскиот премиер соопшти дека САД ги информирале за намерата на Хамас да го ослободи Александер „како гест до Американците“, но дека очекуваат потегот да доведе до договор за ослободување на сите преостанати заложници.
Според висок палестински функционер, кој е запознаен со преговорите, уште еден состанок меѓу Хамас и медијаторите е закажан за денеска за да се финализира процесот на ослободување на Александер, што би барало привремено запирање на израелските воени активности и прекин на воздушните операции за време на предавањето, се додава во написот на Би-би-си.
Би-би-си пренесува изјава од семејството на Александер за кои ослободувањето на нивниот сине е „најголемиот подарок што може да се замисли – веста дека нашиот прекрасен син Едан се враќа дома по 583 дена во заробеништво во Газа“.
Тие апелираат до израелската влада и до преговарачките тимови да не запираат и се надеваат дека ослободувањето на нивниот син ќе ги започне преговорите за сите 58 преостанати заложници.
Роден во Тел Авив и израснат во Њу Џерси, Александер служел во елитна пешадиска единица на границата со Газа кога бил киднапиран од милитантите на Хамас на 7 октомври 2023 година.
Од 251 заложник земени за време на нападот на Хамас, 59 се уште се во Газа, а се верува дека уште 24 се живи. Се верува дека петмина американски државјани се во Газа, а оти Александер е единствениот што е сè уште жив.