Најновиот предлог вклучува прекин на израелските воени операции во траење од 60 дена и пат кон сеопфатен договор што би ја завршил речиси двегодишната војна. За ова досега нема коментар од Израел

Според египетски извори, Хамас го прифатил најновиот предлог за 60-дневен прекин на огнот со Израел, кој вклучува враќање на половина од израелските заложници што Хамас ги држи во Газа, додека Израел ќе ослободи некои палестински затвореници.
„Движењето го даде своето одобрение за предлогот презентиран од посредниците“, напиша на Фејсбук високиот функционер на Хамас, Басем Наим.
Најновиот предлог вклучува прекин на израелските воени операции во траење од 60 дена и пат кон сеопфатен договор што би ја завршил речиси двегодишната војна. За ова досега нема коментар од Израел.
Предлогот е речиси идентичен со оној што го предложи специјалниот претставник на Соединетите Американски Држави (САД), Стив Виткоф, кој Израел го прифати.
Плановите на Израел да ја преземе контролата врз градот Газа ја алармираа меѓународната заедница. Како и самите Израелци, кои вчера одржаа еден од најголемите протести од почетокот на офанзивата во Газа со десетици илјади луѓе.
Учесниците на протестот испратија пораки со кои се повикува на прекин на војната и ослободување на преостанатите 50 заложници. Израелските власти веруваат дека 20 сѐ уште се живи.
Најавената офанзива ги поттикна египетските и катарските посредници да вложат дополнителни напори за постигнување договор за прекин на огнот.