Предавањето на тројцата израелски заложници е дел од договорениот прекин на огнот меѓу Израел и Хамас, кој може да биде доведен во прашање доколку преостанатите заложници не бидат ослободени во договорената временска рамка
Палестинската милитантна група Хамас денеска ослободи тројца израелски заложници – американско-израелскиот државјанин Јаир Хорн, Израелецот Сагуи Декел Чен и руско-израелскиот државјанин Александар (Саша) Труфанов.

Нивното предавање беше официјално потврдено со потпишување договор од страна на претставниците на Хамас и Црвениот крст. По ваквата формалност, тројцата се префрлени во возилата на Црвениот крст, а оттаму одведени и предадени на израелската армија. Војската ќе ги пренесе на друга локација во Газа, а потоа ќе ги врати во Израел, каде што ќе им биде извршен медицински преглед.
Во замена за тројцата израелски заложници, Израел почна да ослободува околу 369 палестински затвореници.
Размената на заложниците ги намали стравувањата дека договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас може да пропадне пред крајот на првата фаза од 42-дневното примирје, кое е во сила од 19 јануари.
Предавањето на тројцата заложници е дел од договорениот прекин на огнот, кој може да биде доведен во прашање доколку преостанатите заложници не бидат ослободени во договорената временска рамка.