Мустафа додаде дека Палестинската самоуправа со седиште на Западниот Брег е подготвена да преговара со Израел

Палестинското исламистичко движење Хамас мора да се откаже од контролата врз Појасот Газа и да го положи оружјето, изјави палестинскиот премиер Мохамед Мустафа пред Генералното собрание на ОН.
„Изјавуваме дека Државата Палестина е подготвена да преземе целосна одговорност за управувањето и безбедноста во Газа, со арапска и меѓународна поддршка. Хамас мора да ја предаде својата контрола врз Појасот Газа и да го предаде своето оружје на палестинската власт“,
рече Мустафа, потврдувајќи ги обврските преземени во јуни од претседателот Махмуд Абас во писмо до Франција и Саудиска Арабија.
Двете земји се копретседатели на конференција во Њујорк оваа недела за решение на Блискиот Исток со две држави.
Мустафа додаде дека Палестинската самоуправа со седиште на Западниот Брег е подготвена да преговара со Израел.
„Само политичко решение со две држави може да ги исполни легитимните аспирации на Израелците и Палестинците да живеат во мир и безбедност. Нема друга алтернатива. По 22 месеци неуспешни обиди, илузорно е да се надеваме на траен прекин на огнот без заедничка визија за повоениот период во Газа, без политички хоризонт и алтернатива на состојбата на трајна војна“,
изјави францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро на конференцијата.
Претходно, германскиот канцелар Фридрих Мерц објави дека Германија и Јордан ќе организираат хуманитарен воздушен мост до Газа за да му помогнат на населението на територијата, кое според ОН се соочува со алармантни нивоа на неухранетост.
„Министерот за одбрана Борис Писториус ќе соработува тесно со Франција и Велика Британија кои исто така се подготвени да организираат таков воздушен мост за испорака на храна и медицински материјали“,
додаде канцеларот на прес-конференција во Берлин.
Се очекува Мерц денеска да се сретне со јорданскиот крал Абдула Втори.
Германскиот канцелар, кој е еден од најлојалните поддржувачи на Израел во војната против палестинското исламистичко движење Хамас, го повика Израел веднаш, сеопфатно и трајно да ја подобри катастрофалната хуманитарна ситуација во Газа.