Хамас ги држи преостанатите 20 живи заложници, кои беа киднапирани за време на нападите врз Израел на 7 октомври 2023 година, во тунели во Газа во нехумани услови. Во последните денови организацијата објави видеа на кои се гледаат двајца од заложниците во состојба на акутна неухранетост, ослабена физичка состојба и емоционален стрес

Палестинската милитантна група Хамас синоќа изјави дека е подготвена, под одредени услови, да му дозволи на Црвениот крст да достави храна и лекови до израелските заложници што ги држи во Појасот Газа, откако видео од ослабен заложник предизвика меѓународен бес, објави ДПА.
Портпаролот на Бригадите aл Касам, военото крило на организацијата, објави на Телеграм дека позитивно ќе одговори на барањето од Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК).
Сепак, тој додаде дека за возврат, Израел мора да дозволи целосна и непрекината испорака на помош до палестинското цивилно население во Појасот Газа.
„Израел, исто така, мора да ги прекине сите воздушни извидувачки операции во периодот во кој помошта ќе стигне до заложниците“,
соопшти Хамас.
Канцеларијата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху претходно соопшти дека разговарал со регионалниот шеф на делегацијата на МКЦК и го замолил да се погрижи Црвениот крст веднаш да достави храна и лекови до израелските заложници.
Хамас ги држи преостанатите 20 живи заложници, кои беа киднапирани за време на нападите врз Израел на 7 октомври 2023 година, во тунели во Газа во нехумани услови. Во последните денови, организацијата објави видеа на кои се гледаат двајца од заложниците во состојба на акутна неухранетост, ослабена физичка состојба и емоционален стрес.
Снимките ја шокираа израелската јавност и многумина низ целиот свет во текот на викендот, а лидери како германскиот канцелар Фридрих Мерц и францускиот претседател Емануел Макрон го изразија својот гнев.
Израел се сомнева дека групата Хамас намерно ги довела заложниците на работ на глад за да изврши притисок врз владата на Нетанјаху.