Израелските сили (ИДФ) објавија дека во нападот во понеделникот убиле шестмина милитанти, но дека ги истражува околностите поврзани со смртта на цивилите, вклучувајќи петмина новинари

Милитантната група Хамас ги отфрли тврдењата на Израел дека помеѓу убиените во нападот на болницата „Насер“ во Газа во понеделникот имало нивни припадници.
Израелските сили (ИДФ) објавија дека во нападот убиле шестмина милитанти, но дека ги истражува околностите поврзани со смртта на цивилите, вклучувајќи петмина новинари.
Според Хамас, еден од шесте Палестинци, за кои Израел тврди дека биле милитанти, бил убиен во Ал Маваси надвор од областа на болницата, а другиот на друга локација во различно време.
Сите убиени од страна на Израел биле цивили, медиумски работници и новинари, потенцира Хамас.
Овој напад на болницата премиерот Бенјамин Нетанјаху го опиша како несреќа и изрази жалење.
Веднаш по нападот реагираше претседателот на Франција, Емануел Макрон, кој упати остра реакција за израелските напади, а остра осуда пристигна и од првиот човек на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус, кој го повика Израел да ги прекине нападите врз здравствените установи во Газа.
И генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, силно го осуди убиството на Палестинците во болницата Насер во Газа и повика на брза и непристрасна истрага.