И министерката за здравство на палестинската управа со седиште во окупираниот Западен Брег, која не ги контролира болниците во Појасот Газа, изјави дека Израел врши ново злосторство против човештвото со опсадата и рацијата на најголемата болница во Газа, во која според израелската војска има команден центар на Хамас
Канцеларијата за медиуми на Хамас утрово излезе со соопштение во кое нападот на израелските сили врз болницата „Ал Шифа“ во Газа го нарече воено злосторство, морално злосторство и злосторство против човештвото, пренесува Би-би-си.

Во соопштението се наведува дека 9 000 пациенти, медицински персонал и раселени лица се наоѓале во болницата кога израелската војска ноќеска влегла во објектот.
Претходно во видео објавено на социјалната мрежа „Икс“ (претходно Твитер) од страна на Палестинскиот информативен центар, водачот на Хамас, Изат ал Рашк, рече дека Израел нападнал цивилен објект, а не воена инсталација.
Од Хамас, како што пренесува британскиот национален сервис, изјавија и дека ги сметаат Вашингтон и американскиот претседател Џо Бајден за одговорни за воената операција на израелските сили во најголемата болница во Газа.
Имено, Израелската армија утрово објави дека влегла во комплексот „Ал Шифа“ повикувајќи ги милитантите на Хамас да се предадат.
И Израел и САД тврдат дека во болницата има командна база на Хамас – која САД, Велика Британија и Европската Унија ја сметаат за терористичка организација, наводи кои другата страна ги негира.
Израелската армија објави дека влегла во комплексот „Ал Шифа“ и дека врз основа на разузнавачки информации и оперативни сознанија спроведува прецизна и насочена операција против Хамас во одредени делови од болницата.
Од ИДФ велат дека меѓу своите сили има медицински тимови и лица кои зборуваат арапски, специјално обучени да се подготват за оваа сложена и чувствителна средина, со цел да не им се наштети на цивилите.
Маи Алкаила, министерката за здравство на палестинската управа која е со седиште во окупираниот Западен Брег и која не ги контролира болниците во Појасот Газа, утрово исто така излезе со изјава за целната операција што Израел вели дека ја спроведува во „Ал Шифа“.
Според Алкаила, која ја цитира Ројтерс, Израел врши ново воено злосторство против човештвото, медицинскиот персонал и пациентите со опсадата и рацијата во најголемата болница во Газа, пренесува „Гардијан“.
„Ние ги сметаме окупациските сили за целосно одговорни за животите на медицинскиот персонал, пациентите и раселените лица во ‘Ал Шифа’“,
вели Алкаила.