Доколку се потврди дека двете тела вратени во среда навечер се заложници, тоа би значело дека 19 сè уште се водат како исчезнати во Газа

Хамас вели дека ги предал телата на уште двајца израелски заложници според условите од договорот за прекин на огнот постигнат со посредство на САД, но вели дека му е потребно време и специјализирана опрема за да ги извлече останатите починати од урнатините на Газа, пишува Би-би-си.
Вооруженото крило на групата во соопштението вели дека е посветено на договорот и оти ги вратило сите тела на заложниците до кои успеало да стигне.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека израелските сили би можеле да продолжат со борбите во Газа доколку Хамас не го почитува договорот.
Во соопштението, канцеларијата на израелскиот премиер соопшти дека Израел добил – преку Црвениот крст – ковчези со телата на заложниците, кои сега чекаат официјална идентификација.
„Израелските одбранбени сили ја повикуваат јавноста да дејствува со чувствителност и да почека официјална идентификација, која прво ќе им биде соопштена на семејствата на починатите заложници“,
се вели во соопштението.
Би-би-си пишува оти високи американски советници рекле дека американската влада досега не верува дека Хамас го прекршил договорот со тоа што не ги извлекол останките од преостанатите починати заложници.
Советниците, според написот, тврделе дека Хамас дејствувал со добра намера во враќањето на живите заложници и соработува со разни соговорници за да ги пронајде и врати останките од заложниците.
Доколку се потврди дека двете тела вратени во среда навечер се заложници, тоа би значело дека 19 сè уште се водат како исчезнати во Газа. Хамас е должен да ги врати сите 28 мртви заложници како дел од првата фаза од мировниот план за Газа.
Вооруженото крило на Хамас во соопштението изјави дека за преостанатите тела се потребни „значителни напори и специјализирана опрема за пребарување и преземање, и ние вложуваме големи напори за да го затвориме ова досие“.
Претходно, Израел изјави дека „нема да прави компромис“ во врска со враќањето на заложниците, велејќи дека „мисијата не е завршена“.
Министерот за одбрана на Израел изјави дека им наложил на Израелските одбранбени сили да подготват „сеопфатен план“ за пораз на Хамас во Газа во случај на обновување на војната.
Се верува дека многу од останките на заложниците се закопани под урнатините на бомбардираните згради или во тунелските окна, по две години конфликт во Појасот Газа.
Последното предавање на телата дојде откако Израел во вторникот објави дека едно од четирите тела предадени од Хамас не е меѓу исчезнатите заложници.
Семејствата на заложниците потврдија дека тројцата починати се идентификувани како Тамир Нимроди (20), Еитан Леви (53) и Уриел Барух (35).
Израел вчера се закани дека не го отвора граничниот премин Рафах меѓу Појасот Газа и Египет, што е пропишано со договорот за прекин на огнот во Газа, бидејќи палестинската милитантна група Хамас не ја исполни својата обврска да ги врати телата на сите мртви заложници што сè уште ги држи во Појасот Газа.
Подоцна, шефот на хуманитарните операции на Обединетите нации, Том Флечер, го повика Израел веднаш да ги отвори сите премини кон Газа за хуманитарна помош, во согласност со планот за прекин на огнот.
Во објава на платформата Икс, Флечер рече дека Хамас мора „да вложи максимални напори за да ги врати сите тела на починатите заложници“.