Владата одобри и средства за исплата на плати на вработените во „Пошта на Северна Македонија“
Владата даде согласност за прифаќање на конечната понуда на „Халкбанк“ АД Скопје за склучување договор за соработка со АД „Пошта на Северна Македонија“ и го одобри Договорот за утврдување на висината на надоместоците за вршење услуги меѓу „Пошта“ и банката.
Со оваа одлука, како што соопшти владината прес-служба, Владата, во својство на Собрание на „Пошти“, ја прифати како најповолна понудата на „Халкбанк“ АД Скопје, согласно со двата усвоени критериума за евалуација на понудата: во однос на рокот за почеток на имплементација на договорот од два месеца, како и во однос на процент на поделба на остварениот заеднички приход во висина од 71 отсто за „Пошта“ и 29% за „Халкбанк“.
На оваа седница Владата ја разгледа и усвои Информацијата за финансиската состојба на АД „Пошта на Северна Македонија“ – Скопје, во услови на пандемија со ковид-19 и стопирање на финансиските услуги поради стечај на „Еуростандард банка“ АД Скопје, и донесе Одлука за одобрување средства од буџетот на за 2020 година, исклучиво за намената за која што се доделени, односно заради исплата на плати на вработените.