Хакерскиот напад, како што наведува „Гардијан“, доаѓа во период на извештаи кои сугерираат на зачестени упади во информатичките системи на повеќе институции и компании во САД зад кои се верува дека стои Кина
Хакери наводно спонзорирани од Кина успеале да извршат кибернапад во Министерството за финансии на САД, пристaпувајќи до неколку работни станици на вработени и некласифицирани документи, соопшти Министерството, јавуваат светските медиуми.

Нападот, како што се наведува, се случил на почетокот на декември, а бил извршен преку давателот на услуги за кибербезбедност на Министерството, компанијата „Бијонд траст“ (BeyondTrust).
Хакерите успеале да добијат пристап до клучот што го користела компанијата и да пробие во системот, менувајќи одредени негови делови, се вели во писмото што Министерството за финансии на САД го вчера го испратило вчера до Конгресот информирајќи за случајот.
„Компромитираната услуга на ‘Бијонд траст’ е офлајн и нема докази кои укажуваат на тоа дека актерот кој стои зад заканата продолжил да пристапува до трезорските системи или информации“,
изјавил портпаролот на одделот за финансии, пренесува „Гардијан“.
Хакерскиот напад, како што наведува весникот, доаѓа во период на извештаи кои сугерираат на зачестени упади во информатичките системи на повеќе институции и компании во САД зад кои се верува дека стои Кина.
Претходно овој месец американските власти детектираа хакерски упади во три од најголемите американски телекомуникациски компании.
За време на овој напад, наречен „Солт тајфун“, киберкриминалците успеале да добијат пристап до телефонските повици и текстуалните пораки на членови на Конгресот.
Во врска со последниот случај, откако бил откриен хакерскиот напад компанијата „Бијонд траст“ издала предупредување, по што одделот за финансии контактирал со Агенцијата за кибербезбедност и инфраструктура (ЦИСА), Федералното истражно биро (ФБИ) и надворешни форензирачи за да го утврдат обемот на инцидентот.
Од одделот за финансии соопштиле дека повеќе детали за случајот ќе бидат познати во дополнителниот извештај.
„Министерството за финансии многу сериозно ги сфаќа сите закани против нашите системи и податоците што ги поседуваме. Во текот на последните четири години, Министерството за финансии значително ја зајакна својата киберодбрана и ние ќе продолжиме да работиме и со партнерите од приватниот и од јавниот сектор за да го заштитиме нашиот финансиски систем од заканите“,
изјавил портпаролот на Министерството.

Компанијата „Бијонд траст“ на својата веб-страница објавила дека неодамна идентификувала безбедносен инцидент во кој учествувале ограничен број клиенти на неговиот софтвер за далечинска поддршка. Во соопштението се наведува дека во инцидентот бил компромитиран дигитален клуч и дека истрагата е во тек.
Портпаролот на кинеската амбасада во Вашингтон во коментар за Ројтерс отфрлил секаква одговорност за случајот, наведувајќи дека Пекинг „цврсто се спротивставува на клеветничките напади на САД кон Кина кои се без никаква фактичка основа“.
