„Треба да напоменам дека таа кривична пријава е поднесена од страна на републичкиот јавен обвинител. Тенденцијата е мене да ме отстрани и да ме замолчи, а исто така и да ги заплаши другите колеги коишто постапуваат согласно законот, со цел за да се донесат нарачани одлуки“, изјави денеска Хајрулахи, кој е суспендиран од функцијата виш јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство Скопје бидејќи против него е отворена истрага за малтретирање во вршење на службата и злоупотреба на службената положба
Шефот на Вишото јавно обвинителство Скопје, Мустафа Хајрулахи, кој од вчера се суспендиран од функцијата вели дека врз него се врши притисок од републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски со цел да се влијае на актуелни предмети, меѓу кои и оној за бонусите на поранешните обвинители во згаснатото Специјално јавно обвинителство (СЈО).
Еден ден откако Јавното обвинителство на Република Северна Македонија соопшти дека против него е отворена истрага за малтретирање во вршење на службата и злоупотреба на службената положба и овластување, Хајрулахи денеска на прес-конференција изнесе своја верзија на настаните кои ѝ претходеле на кривичната пријава против него, но и за случајот со снимките со новинарката и внатрешните односи во Вишото јавно обвинителство.
Наспроти официјалното соопштение од републичкото Јавно обвинителство дека кривичната пријава за малтретирање е поднесена од вработени во Вишото јавно обвинителство, Хајрулахи вели дека таа е поднесена од актуелниот републички обвинител Љупчо Коцевски. Тенденцијата, како што кажа, е тој да биде отстранет и да се замолчи, како и да се заплашат другите колеги.
Вишиот јавен обвинител потврди дека одлуката за негово оддалечување од функцијата му била соопштена вчера со образложение дека против него се води кривична истрага во Основното јавно обвинителство Штип.
„Треба да напоменам дека таа кривична пријава е поднесена од страна на републичкиот јавен обвинител. Тенденцијата е мене да ме отстрани и да ме замолчи, а исто така и да ги заплаши другите колеги коишто постапуваат согласно законот, со цел за да се донесат нарачани одлуки. Пред извесно време, односно на 19 септември, републичкиот јавен обвинител ме повика кај него во канцеларија и ми рече дека по однос на предметот за бонусите на СЈО треба да донесам одлука со која ќе се потврди првостепеното решение од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и дека не треба да се даде својство на оштетен на подносителот на кривичната пријава, односно на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ“,
рече обвинителот.
За потсетување, во јули беше објавено дека шефот на ОЈО ГОКК, Ислам Абази, донел решение со кое ја отфрлил кривичната пријава на ВМРО-ДПМНЕ против ексобвинителите на СЈО, на кои тогашната шефица Катица Јанева им поделила по илјадници евра бонуси за доверливост надвор од платата, со што, според пријавата на партијата, бил оштетен Буџетот за над 4,5 милиони евра. На ваквата одлука ВМРО-ДПМНЕ поднела жалба.
Хајрулахи вели дека одбил да постапи по укажувањата на републичкиот јавен обвинител, со образложение дека не би се дрзнал да му наредува на јавниот обвинител кој постапува по предметот да носи каква било одлука што е по нарачка.
Спорен вонреден надзор во ВЈО Скопје
По ова, рече тој, почнал надзорот над работата на Вишото јавно обвинителство Скопје, процес кој, како што кажа, бил спорен бидејќи од тројцата јавни обвинители, двајца „по редот на нештата и по сила на законот“ не би требало да учествуваат во вршењето на надзорот.
„Спорното во процесот беше што едниот од нив, обвинителот Елвин Вели до пред неговото заминување во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија беше мој прв заменик и обвинител кој активно постапуваше по сите предмети во Вишото јавно обвинителство Скопје, а исто така и обвинителката Лиле Стефанова по редот на нештата и по сила на законот не би смеела да учествува во тој надзор бидејќи се вршеше надзор на предметите од поранешното СЈО, односно на предметот познат како „Поштенска банка“ и предметот против тогаш обвинетиот Драган Павловиќ-Латас“,
рече Хајрулахи.
Надзорот сепак се случил, но, како што кажа Хајрулахи, сè уште нема извештај од него, иако изминале предвидените 30 дена од неговото спроведување, рок во кој според Законот за јавно обвинителство извештајот веќе требало да биде предаден.
„Веќе поминаа 30 дена од извршениот надзор бидејќи надзорот беше закажан на 10 октомври ми се чини, но сè уште го немаме извештајот за извршениот надзор. Ќе ви кажам од мои информации коишто се проверени и сигурни дека извештајот не се доставува сè со цел да се отстрани срамот од страна на јавниот обвинител којшто и тоа како брутално се однесува кон Вишото јавно обвинителство, бидејќи од тројцата обвинители двајца одбиваат да се потпишат на извештајот за извршениот надзор, бидејќи не се согласуваат со констатациите од страна на еден јавен обвинител, кој тенденциозно беше цело време во вршењето на надзорот и од тие причини до ден денешен не е доставен извештајот од извршениот надзор“,
рече вишиот јавен обвинител.
Прашан од новинарите кои двајца обвинители не се согласуваат, Хајрулахи рече: „Ќе дознаете наскоро. Ќе дознаете откако ќе биде доставен, ако се достави извештајот во Вишото јавно обвинителство.“
За случајот со новинарката
Во врска со снимката со новинарката, Хајрулахи рече дека тоа не е во ред, но дека има Закон за укажувачи, кој стриктно го регулира тоа.
„Јас како јавен обвинител, ако не обзнанам, односно ако го сокријам сето тоа, јас ќе бидам дел од тие што незаконито постапуваат“,
изјави обвинителот.
Според Хајрулахи, во овој случај целото внимание е пренасочено и се дала сосема друга насока на целиот настан, од она што тој сакал да го посочи, а тоа е дека ќерката на републичкиот јавен обвинител изнесува податоци од кабинетот на обвинителот.
„Навистина длабоко жалам за сето тоа што се случи. Фамата, околу тоа кој ја снимал новинарката. Новинарката, тоа ѝ е работа, и тоа е легитимно, таа да седне со кого било. Но, не е легитимно од страна на републички јавен обвинител преку неговата ќерка да изнесува информации во јавноста“,
изјави Хајрулахи.
Прашан за коментар на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски за работата на обвинителите, Хајрулахи рече дека не сака да дава политичка конотација на целата ситуација.
„Едноставно сакам да се пренесе целиот притисок што се врши врз мене и врз институцијата виш јавен обвинител за две работи. Основната работа е за бонусите на предметот за поранешните обвинители од СЈО и за изнесените информации од страна на ќерката на републичкиот обвинител до јавноста,
рече Хајрулахи.
Одговарајќи на новинарски прашања за кривичната пријава поднесена против него од вработени во Вишото јавно обвинителство, тој рече дека не знае на што се однесува таа ниту од кого е.
„Немам никакви информации, а веќе е отворена истрага. Тоа е спротивно од Законот за кривична постапка. Не може да се отвори истрага без јас барем телефонски да бидам известен од колегата од Штип дека против мене се води истрага. Или ако не друго, на писмено како што е за секоја странка, за секој пријавен да одам и да си дадам своја одбрана“,
рече суспендираниот шеф на Вишото јавно обвинителство Скопје.
Прашан што е спорно во предметот со бонусите на СЈО, Хајрулахи рече дека не може да зборува за предмети, но нагласи дека обвинителот што постапува по него сè уште го проучува бидејќи станува збор за обемен предмет.
Државниот јавен обвинител, рече Хајрулахи, во разговор конкретно му кажал дека треба да се потврди првостепената одлука и дека не треба политичката партија, односно подносителот на кривичната пријава да има својство на оштетен.
„Не ми даде простор да се објаснуваме и да кажеме дали ќе има реферирање, дали од страна на обвинителот е проучен предметот, дали обвинителот што постапува по предметот, зошто искрено и јас не ја знам содржината на предметот, кој е обемен и уште се работи. А не можам јас сега, предметот вчера е стигнат во Јавното обвинителство, а јас утре да кажам одлуката каква ќе биде“,
изјави Хајрулахи.
Обвинителот дополнително, исто така, ги отфрли обвинувањата од републичкиот јавен обвинител Коцевски дека неговата реакција доаѓа откако почнал надзорот врз работата на Вишото јавно обвинителство Скопје.
„Не, не е вистина. Надзорот заврши, уште немаме извештај од извршениот надзор. Тоа се констатациите и добро е кога има надзор над работата на пониското обвинителство бидејќи и ние како Вишо јавно обвинителство вршиме надзор над пониските јавни обвинителства. Со тоа двострано се помага да се отстранат сите неправилности, односно аномалии во работењето на пониските јавни обвинителства“,
рече Хајрулахи додавајќи дека за секоја предмет по кој е поставувано, а бил од интерес на јавноста, бил известен Републичкиот јавен обвинител.
Има многу работи што логички треба да се поврзат, вели Хајрулахи
Прашан за меѓучовечките односи во Вишото јавно обвинителство Скопје, Хајрулахи рече дека ниту знае од кого е ниту знае дали писмената претставка за мобинг е претворена во кривична пријава или има конкретна кривична пријава. Сепак, како што посочи, има многу работи, за кои вели дека треба логично да се поврзат. Притоа, рече дека кривичната пријава против него во ОЈО Штип е поднесена токму на 31 октомври, дента кога јавно кажал дека републичкиот јавен обвинител изнесува информации во јавноста преку неговата ќерка.
„Кажете дали може да се создаде слика за една институција со четворица вработени во обвинителството, за кои тврдам, и дојдоа истите кај мене, и кажаа: ‘Обвинителе, ние сме инструирани, ние сме излажани и сето ова се прави тенденциозно, зошто така ни е кажано, дека преку ова ќе ве разрешат и ќе дојде на ваше место обвинителката која што има претензии“,
изјави Хајрулахи.