Според него, ваквото поднесено обвинение од страна на ОЈО Штип доаѓа откако тој во гостување на поткаст пред неколку дена обзнанил дека МВР има поднесено кривична пријава против двајцата поранешни јавни обвинители од Специјалното јавно обвинителство (СЈО) – Лиле Стефанова и Бурим Рустеми

Најкатегорично ги отфрлам сите наводи од предметното обвинение, во ниту еден случај никого ниту сум малтретирал ниту сум навредувал, вели во изјава за МИА суспендираниот шеф на Вишото јавно обвинителство Мустафа Хајрулахи, против кого денеска Основното јавно обвинителство Штип поднесе обвинение за пет кривични дела малтретирање во вршење на службата, како и за кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување.
Хајрухали вели дека е чудно што јавната обвинителка Татјана Кацарова не ги прифатила за сведоци вработените во Вишото јавно обвинителство Скопје кои, како што рече, се од голема важност бидејќи биле присутни на секој одржан состанок, а за сведок била прифатена јавната обвинителка Фатиме Фетаи која сведочела во овој предмет иако, како што нагласи, никогаш не присуствувала на ниту еден од состаноците со вработените.
Според него, ваквото поднесено обвинение од страна на ОЈО Штип доаѓа откако тој во гостување на поткаст пред неколку дена обзнанил дека МВР има поднесено кривична пријава против двајцата поранешни јавни обвинители од Специјалното јавно обвинителство (СЈО) – Лиле Стефанова и Бурим Рустеми.
„Зошто се прави денеска и зошто баш во овој период е повеќе од јасно бидејќи пред неколку дена на еден поткаст обзнанив дека против двајца поранешни јавни обвинители од СЈО, односно против Лиле Стефанова и Бурим Рустеми, од страна на МВР е поднесена кривична пријава по истите наводи како што беше случајот со ‘Рекет 1’, сега ова е крстено како ‘Рекет 2’. Сакајќи да го пренасочат вниманието и јавноста да не се заинтересира за случувањата во тогашното СЈО, а по однос на предметот ‘Рекет 2’, Јавното обвинителство сега после два месеци излегува со соопштение за поднесеното обвинение“,
рече Хајрулахи.
Обвинението, додаде тој, е конструкција на републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски кој, според Хајрулахи, заедно со јавната обвинителка Фатиме Фетаи, петтемина вработени во Вишото јавно обвинителство и јавниот обвинител Гаврил Бубевски, на овој начин сакаат да ги заштити обвинетите во предметот во јавноста познат како „Бонусите во СЈО“.
Основното јавно обвинителство (ОЈО) Штип поднесе обвинение против суспендираниот шеф на Вишото јавно обвинителство Скопје дека цела година во службените простории, во текот на работното време и активности, се заканувал и вршел континуирано психичко насилство врз пет вработени жени, со цел да им нанесе душевна болка преку понижувачко постапување.
Против Хајрулахи е поднесено обвинение за пет кривични дела, што се однесуваат за малтретирање во вршење на службата. Покрај тоа, против него и уште еден јавен обвинител од ВЈО Скопје е поведено обвинение за друго кривично дело – злоупотреба на службената положба и овластувања.
Комисијата за утврдување на дисциплинска одговорност при ЈОРСМ во јуни годинава донесе одлука дека Хајрулахи и уште еден јавен обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје сториле тешки дисциплински повреди од член 91 алинеја 6 од Законот за јавното обвинителство, односно намерно и неоправдано направиле крупни професионални грешки.
Хајрулахи по одлуката за негова суспензија најави дека ќе поднесе жалба до Советот на јавни обвинители и изјави дека единствената причина за целата хајка против него е постапката за бонусите за ангажираните во поранешното Специјално јавно обвинителство.