Во тужбата, меѓудругото се наведува оти американскиот претседател се обидува да ја отстрани, не поради реални причини, туку за да се ослободи место кое ќе го искористи за политички притисок и протуркување на својата агенда
Откако претседателот Трамп, пред два дена ја отстрани гувернерката на американските Федерални резерви, поради наводна хипотекарна измама, Лиса Кук, таа денеска поднесе тужба до федералниот суд во Вашингтон против него.

Кук во тужбата, меѓудругото вели дека претседателот на САД со неговата одлука, направил директен напад врз независноста на институцијата, со што го прекршил федералниот закон.
„Претседателот се обидува да ме отстрани не поради реални причини, туку за да се ослободи место кое ќе го искористи за политички притисок и протуркување на својата агенда. Ова е груб обид за поткопување на независноста на Федералните резерви“,
вели во тужбата Кук.
Кук дополнително вели и дека со обвинувањата, Трамп свесно го заобиколува законот кој треба да ја штити од вакво мешање.
Пред два дена, претседателот на САД, Доналд Трамп, ја отстрани гувернерката на Федералните резерви (ФЕД), Лиса Кук, обвинувајќи ја за хипотекарна измама и фалсификување банкарски документи. Во писмото упатено до Кук, Трамп наведе дека постојат доволно докази за нејзино спорно финансиско однесување и дека тоа ги доведува во прашање нејзината компетентност и интегритет како финансиски регулатор. Според него, нејзиното отстранување било неопходно за владеењето на правото.
Кук остро возврати на потегот на претседателот нарекувајќи го незаконски, а нејзиниот адвокат најави судска постапка бидејќи, како што кажа, нејзиното отстранување од позицијата е нелегален и неоснован обид за дискредитација и оти таа ќе ги брани своите права до крајот на процесот.