Генералниот секретар на Обединетите нации повикува на максимална воена воздржаност од двете земји

Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Антонио Гутереш, повика на максимална воена воздржаност и од Индија и од Пакистан велејќи оти светот не може да си дозволи воена конфронтација меѓу двете земји.
Портпаролот на генералниот секретар на ОН, Стефан Дијарик, изјави дека Гутереш е многу загрижен за индиските воени операции преку линијата на контрола, како и преку меѓународната граница на двете земји.
„Генералниот секретар е многу загрижен за индиските воени операции преку линијата на контрола и меѓународната граница. Тој повикува на максимална воена воздржаност од двете земји“,
рече портпаролот.
Генералниот секретар Гутереш предупредува дека тензиите меѓу двата јужноазиски соседа достигнале „највисоко ниво во последните години“.
„Тој им понуди добри услуги на двете влади за да помогне во смирувањето на тензиите и промовирањето на дипломатијата, нагласувајќи дека военото решение не е решение“,
се наведува во објава на веб-страницата на ОН.
Гутереш, вчера во изјава за медиуми, го осуди терористичкиот напад од 22 април во областа Пахалгам во Џаму и Кашмир, во кој загинаа најмалку 26 цивили, а повеќе беа повредени.
„Таргетирањето цивили е неприфатливо – и одговорните мора да бидат изведени пред лицето на правдата преку веродостојни и законски средства“,
рече тој.
Според информациите што ги пренесуваат светските медиуми, во синоќешните напади меѓу Индија и Пакистан загинати се над 30 лица, многу повеќе се повредени.
Шефот на пакистанската армија изјави дека 26 цивили загинале во нападите на Индија, а индиската полиција и медицински лица, пак, соопштија дека загинати се најмалку седум цивили.
Откако синоќа индиската армија објави дека нападнала девет цели во Пакистан и пакистанскиот дел од Кашмир, пакистанската војска ги потврди нападите, наведувајќи дека се погодени три локации.