Грузискиот премиер Иракли Кобахидзе изјави за новинарите дека членството во ЕУ може да ѝ наштети на грузиската економија бидејќи Тбилиси ќе мора да ги откаже визните договори и трговските договори со други земји. Проевропската претседателката на Грузија во заминување Саломе Зурабишвили го критикуваше потегот на власта и оцени дека таа му објавила војна на сопствениот народ
Владејачката партија во Грузија вчера објави дека земјата ќе ги прекине преговорите со Европската Унија до 2028 година и ќе го отфрли европското финансирање, со што практично ќе ја запре својата кандидатура за членство. Во соопштението за печатот, владејачката партија Грузиски сон ја обвини ЕУ дека ги користи пристапните преговори за уцена и „организирање револуција во земјата“.
„Одлучивме да не го ставаме на дневен ред прашањето за отворање на преговорите со Европската Унија до крајот на 2028 година. Исто така, одбиваме какви било буџетски средства од Европската Унија до крајот на 2028 година“,
соопшти владејачката партија.
Претходно грузискиот премиер Иракли Кобахидзе изјави за новинарите дека членството во ЕУ може да ѝ наштети на грузиската економија бидејќи Тбилиси ќе мора да ги откаже визните договори и трговските договори со други земји.
Проевропската претседателката на Грузија во заминување Саломе Зурабишвили го критикуваше потегот на власта и оцени дека таа му објавила војна на сопствениот народ.
„Владејачката партија не објави мир, туку војна против сопствениот народ, своето минато и иднина“,
изјави Зурабишвили чиј мандат завршува во декември, а Грузиски сон оваа недела номинираше поранешен фудбалер со тврдокорни антизападни ставови да ја замени.
Гиорги Вашадзе, истакнат опозициски лидер, на Фејсбук напиша дека самопрогласената нелегитимна влада веќе законски го потпишала предавството на Грузија и грузискиот народ.
Грузија го запиша својот пристап во Европската Унија во својот устав и традиционално е најпрозападна од сите поранешни советски републики.
Грузиските односи со Брисел нагло се влошија во последните месеци. ЕУ претходно објави дека барањето за членство на Грузија во Унијата е замрзнато. Анкетите покажуваат дека околу 80 отсто од Грузијците го поддржуваат членството во ЕУ и знамето на Европската Унија се вее заедно со државното знаме на Грузија на сите владини згради.
Грузиски сон од една страна постојано уверува дека сака да се приклучи на ЕУ, но од друга страна во изминатите години постојано се занимаваше со дипломатски спорови со Брисел и ги продлабочи односите со соседна Русија.
Путин ги пофали грузиските власти
ЕУ ѝ додели на Грузија кандидатски статус во декември 2023 година, но критикуваше одредени закони што оттогаш ги турка Грузиски сон, вклучувајќи ги законите за „странски агенти“ и правата на ЛГБТ-заедницата, како авторитарни, инспирирани од Русија и бариери за членство.
Западните земји оценија и дека изборите во октомври, на кои блокот Грузиски сон освои речиси 54 отсто од гласовите, се полни со нерегуларности. Опозициските партии рекоа дека изборите биле наместени и одбија да ги заземат своите места во парламентот.
Европскиот парламент донесе резолуција со која се бара поништување на изборите и нивно повторно распишување, како и воведување санкции против клучните функционери на Грузиски сон.
За време на посетата на Казахстан, рускиот претседател Владимир Путин ги пофали „храброста и карактерот“ на грузиските власти при донесувањето на законот за странски агенти, што домашните критичари го споредија со руското законодавство.