Во Израел остануваат уште седум македонски државјани кои не биле расположени за евакуација во овој момент и ќе чекаат евентуално да се вратат подоцна со приватен лет, изјави заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски на скопскиот аеродром
Според него, се прават напори најдоцна до понеделник сите граѓани кои се наоѓаат во кризните подрачја да бидат вратени со три до четири лета од овие дестинации
Доцна вечерва на Меѓународниот аеродром „Скопје“ пристигна групата македонски државјани кои поради влошената состојба на Блискиот Исток, со владиниот авион беа евакуирани од Израел преку Египет.

Како што претходно информираа од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, станува збор за шест наши граѓани, кои денеска попладне полетаа Шарм-ел-Шеик во Египет, каде беа пренесени по копнен пат од Израел.
Нив на аеродромот ги пречека заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, кој во изјава што ја пренесува државната новинска агенција МИА, вели дека процесот на евакуација бил сложен и барал сериозен ангажман на дипломатско-конзуларните претставништва.
Во Израел, како што наведе тој, остануваат уште седум македонски државјани кои не биле расположени за евакуација во овој момент и ќе чекаат евентуално да се вратат подоцна со приватен лет.
„Вечерва пристигна првата група наши сограѓани од Израел кои беа евакуирани преку Египет. Таму беше целосно организиран превоз за нив од страна на Амбасадата. Во Израел остануваат уште седуммина граѓани кои во моментов не се расположени за евакуација, односно чекаат да се ослободи воздушниот простор и евентуално да се вратат подоцна со приватен лет, преку приватна компанија“,
вели Димитровски.
Според заменик-министерот, се прават напори најдоцна до понеделник сите граѓани кои се наоѓаат во кризните подрачја да бидат вратени со три до четири лета од овие дестинации.
„Наредните денови тие ќе бидат пренесени со чартер летови, организирани од Владата и Министерството за надворешни работи. Еден од летовите ќе тргне од Ријад, Саудиска Арабија“,
кажа тој.
Димитровски сподели дека македонските државјани кои вечерва пристигнаа во Скопје, секојдневно морале да одат во засолништа кога се огласувале сирените за тревога.
„Иако за израелските граѓани тоа е дел од секојдневието, за нашите било необично и тешко искуство. Некои биле затекнати во Израел токму кога сакале да се вратат, но аеродромите биле затворени. Тие изразија голема благодарност за комуникацијата со нашата амбасада и за тоа што им било овозможено безбедно да се вратат дома“,
наведува тој.

Според него, во земјите од Заливот во моментов има околу 600 македонски државјани, најмногу во Абу Даби и Дубаи, околу 140 во Катар, а помал број во Бахреин и Кувајт.
Претходно денеска, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, во објава на Фејсбук, соопшти дека е финализирана постапката за склучување договор со компанија која во следните денови се очекува да ги реализира летовите за евакуација на македонските државјани од другите погодени подрачја, а во координација со нашите дипломатско-конзуларни претставништва.
МНР вчера информира дека ќе издвои 60 милиони денари (речиси еден милион евра) за евакуација на македонски државјани од земјите погодени од конфликтот на Блискиот Исток. Со одлука на Владата, беше отпочната постапка за јавна набавка за организација на чартер-летови за нивна евакуација.
