„Јас можам за 15 минути да напишам писмо и да кажам ова е од Александар Николоски. На пример, ако има во октомври избори, дека Александар Николоски дал предлог дека ќе коалицираат со ДУИ и да го извадам уесбето и да кажам дека Мицкоски преку Николоски му нуди на ДУИ избори и потоа коалиција“, рече експремиерот во далечински видеонастап за „Инфомакс“
Експремиерот Никола Груевски вечерва преку видеоврска гостуваше во емисијата „Тешки муабети“ на порталот „Инфомакс“ во момент кога тој и неговиот наследник во ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, се во отворена „војна“ со обвинувања и фејсбук-преписки која почна со интервју на актуелниот лидер на партијата за германски ФАЦ во кое обвини дека Груевски е во тајна комуникација со власта со цел раздор во ВМРО-ДПМНЕ.
Во мини-интервјуто поранешниот премиер и прв човек на ВМРО-ДПМНЕ говореше на повеќе актуелни теми. Прва беше фамозното уесбе кое потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, вечерва го покажа во емисијата „360 степени“ на МРТ 1. Николоски тврди дека уесбето е дел од тајна комуникација меѓу Груевски со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, претседателот на парламентот, Талат Џафери, и уште едно лице. Притоа, Николоски со „360 степени“ сподели и три испечатени страници А4-формат за кои вели дека се содржината од уесбето.
Коментирајќи го ова, експремиерот кажа дека не постои такво уесбе и дека „секој за 15 минути може да направи уесбе и да рече ова е усбето што го пратил Груевски“. Секој може, додава тој, да си го крсти компјутерот „Никола Груевски“ и да рече содржината од ова уесбе е од Никола Груевски.

„Уесбе може да направи секој. Можам јас да ви направам за 15 минути. Може кој било човек да направи за 15 минути и да каже ова е уесбето што пратил Груевски. Јас можам за 15 минути да напишам писмо и да кажам ова е од Александар Николоски. На пример, ако има во октомври избори, дека Александар Николоски дал предлог дека ќе коалицираат со ДУИ и да го извадам уесбето и да кажам дека Мицкоски преку Николоски му нуди на ДУИ избори и потоа коалиција. И не знам зошто се занимаваат со овие глупости кога цел народ знае дека на уесбе што и да напишете може да кажете дека е од Александар, од Никола, од Трајко, од Петко… Чудно, многу чудно. Такво нешто не постои“,
вели Груевски.
Наместо со вакви глупости, додаде експремиерот, ВМРО-ДПМНЕ треба да се фокусира на СДСМ и на рушење на нивната влада која, според него, е зрела за паѓање уште од 2020 година.
„Не можам до ден денес да разберам зошто тргнаа во една ваква операција на еден брутателн напад кон мене. Имам некои претпоставки, меѓутоа не можам со сигурност да кажам. Прво, мислев некој да не им подметнува, да не ги лаже – не го исклучувам ни тоа. Варијанта, исто така, е дека се принудени, уценети, некоја трета страна да бара да го прават ова. Има и други варијанти, но во секој случај, прилично евтина приказна, звучи удбашки од времето на социјализмот – еве ваков доказ, таков доказ – кога нема ништо во тоа“,
додава експремиерот.
Поранешниот премиер се осврна и на интервјуто што актуелниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски, го даде за германски „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЦ), а во кое, меѓу другото, изјави оти власта ги прави измените во Кривичниот законик за на Груевски да му обезбеди неказнивост, а тој за возврат да лобира кај пратеници од ВМРО-ДПМНЕ да гласаат за уставните измени.
Груевски вели дека од денот кога неговиот партиски наследник го дал интервјуто за германски ФАЦ (5 септември), до објавувањето на интервјуто (19 септември), наративот на ВМРО-ДПМНЕ „е сменет во една секунда“. До 19 септември, вели експремиерот, наративот на ВМРО-ДПМНЕ е дека измените на Кривичниот законик се за амнестија на власта, а по објавувањето на интервјуто, дека освен за амнестија на власта измените биле направени и за Никола Груевски и тоа на негово барање.
„Две недели зборуваа дека законот си го направила власта за нив – што јас, исто така, мислам дека е тоа. За мене не може да биде бидејќи најверојатно ако го правев јас за мене ќе го направев за сите или барем за речиси сите предмети, а се осум-девет на број. Зошто би правел само за еден предмет“,
изјави експремиерот.
„Кога веќе решиле да одат толку во некаква офанзива против мене, без да им дадам повод за тоа, барем да смислеле нешто попаметно. Некако во минатото таа партија подобро функционираше кога влегуваше во некои политички битки, поинтелигентно делуваше. Зошто е сега вака, не разбирам. Јас кога ги слушам се смеам“,
додава Груевски.
Прашан дали е точно дека постои тајна комуникација помеѓу него, ДУИ и СДСМ, за која деновиве тврди опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Груевски вели дека такво нешто не е можно и оти тоа е пропаганда.
„Тоа е слоган. Тие смислиле слоган како сега јас да кажам ‘оската Мицкоски-Заев’ и само да го повторувам тоа. Очигледно се тргнати во една, според мене, сосема непотребна офанзива. Не знам дали тоа мора да му го испорачаат некому, дали на Заев, дали на некој друг центар, дали некој им има нешто подметнато или дали се чувствуваат сега посилни, па велат – ‘ајде да се пресметаме со Груевски’. Мислам дека само губат од ова“,
одговара Груевски.
На прашањето дали има контакт со пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, во контекст на обвинувањата оти измените во КЗ се носат за негово враќање дома и помагање во носењето на уставните измени, Груевски рече дека најмалку една година немал контакт со ниту еден пратеник.
„Јас разговор со пратеник пред најмлаку година дена, а и пред тоа многу, многу ретко, и никогаш на оваа тема. Еве, ги повикувам пратениците – еден ако има на којшто сум му се јавил на оваа тема или тој ми сејавил, слободно нека излезе и нека каже“,
додаде тој.